„Шлаканица“ од САД во извештајот на Стејт Департментот: Висока корупција, неефикасни судови

Висока корупција во Владата, неефиксни судови, насилство и закани врз новинари – ова се само дел од критичните забелешки на последниот извештај на Стејт Департментот за Македонија, посветен на човековите права. Сите мерења на јавното мислење во различни анкети досега, што власта се обидуваше да ги игнорира или да ги оправда, сега се потврдија во овој извештај.

  • „Владата е најголемиот работодавач во земјата и невладините организации велат дека оваа доминантна улога на Владата во економијата создава можности за корупција. Анкетите постојано покажуваат дека корупцијата е еден од најголемите проблеми за граѓаните“ – Стои во извештајот.

Според Стејт Департментот, е корупцијата во затворите „ендемична“. Но забележуваат дека е многу присутна и во судството и во обвинителството.

Извештајот се осврнува и на фашистичките имиња на бугарските клубови, потсетувајќи на иницијативата од еврејската заедница во Македонија, за санкционирање на антисемитизмот, која уште не е преточена во законско решение.

  • „Еврејската заедница се пожали дека нејзината иницијатива од 2017 година за измена на кривичниот законик што ќе го криминализира антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот или глорификацијата на нацистичките и фашистичките симболи допрва треба да биде усвоена“ – Потсетува извештајот.

Во Извештајот на Стејт Департментот за Бугарија пак, Соединетите американски држави потенцираат дека нашиот источен сосед на тамошните Македонци во континуитет им го негира правото за здружување.

  • „Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи „Обединета македонска организација-Илинден“, „Обединета македонска организација-Илинден Благоевград“ и „Друштвото на угнетените Македонци-жртви на комунистичкиот терор“ и покрај бројните претходни одлуки на ЕСЧП дека со негирањата се нарушувала слободата на здружување.“ – Пишува во извештај на „Стејт Департмент“ посветен на Бугарија.

Веќе 50 години по ред САД објавуваат извештаи за 198 држави, во кои се цени примената на Универзалната декларација за човекови права, врз основа на информациите кои ги добиваат од нивните дипломатски претставништва.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста