Доктори алармираат: Непроверени препарати за здравје го преплавија пазарот

Цути црниот пазар на лекови во Македонија. Во аптеките на големо се продаваат илјадници препарати кои се рекламираат како лекови. Најчесто рекламите се со наслови „100% сигурни, клинички докажани, ефикасни“ препарати. А пред државата се декларираат како додатоци во исхрана. Многу од овие производи за здравје не се регистрирани никаде. Докторите алармираат  дека за оваа преплавеност од лекови, нема никакви контроли. А најлошото е што граѓаните не знаат вистински што конзумираат.

Апелирам и крајно време е да се регулира пазарот на т.н. ОТЦ препарати (лекови без рецепт) и илјадници препарати кои се продаваат и рекламираат како лекови, а пред државата се декларираат како додатоци во изхрана за да се избегне регулативата која за лекови е строга.Не може секој (најчесто човек фирма) што ќе му текне да произведува, увезува и да се богати на грб на здравствени проблеми на народот, без никаква одговорност и минимални давачки!” – пишува д-р Ненад Лазаров.

Од Малмед уверуваат дека нема никакви нерегуларности. И дека ситуацијата со пазарот на лекови секојдневно ја проверуваат на терен.

Малмед во рамките на својот инспекциски надзор секој ден е на терен.Се проверуваат аптеки, веледрогерии,увозници.Досега немаме стекнато случаи каде што имало увезувани, нерегистрини лекови.Или лекови кои се дојдени на начин кој што не е законски” – изјави за Алфа, директорот на Малмед, Лирим Шабани.

Минатиот месец доктор од БиХ обвини дека македонски бизнисмен со лажни реклами продава лекови. Д-р Бранислав Михајловиќ објави дека фирмата Лид Шоп во Босна, на чие чело стои Влатко Василев од Македонија – учествувала во криминална шема за продажба на препарати на нечесен начин, со лажни реклами меѓу кои и таа во која е исфабрикувано интервју со докторот Михајловиќ. 

Принуден сум детално да го опишам начинот на кој работат фирми кои се богатат на болката и маката на граѓаните во Босна. Македонецот Влатко Василев отворил фирма во Сараево, регистрирал препарат како додаток на исхраната, ангажирани се странски фирми за маркетинг за да не дојдат на удар на инспекциите и на органите на прогонот. Меѓународна организирана група краде идентитети на доктори, им ги краде фотографиите, потписот и титулата и им лажираат интервју. Со еден збор, го крадат идентитетот на лекарот” – изјави д-р Михајловиќ.

Инаку, Василев има фирма и во Македонија која што го дистрибуира истиот производ и на македонско тло, заедно со други препарати.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста