Русија го затвори кримскиот мост по инцидент со двајца загинати

Руските власти привремено го затворија мостот кој ја поврзува Русија со анектираниот полуостров Крим поради „вонредна ситуација“ во која загинале двајца луѓе. Инцидентот не беше опишан како напад, но според непотврдени извештаи, утрово се слушнале експлозии.

Кримскиот мост, отворен во 2018, веќе беше цел на напади од почетокот на руската инвазија, па во октомври беше делумно затворен поради сериозни оштетувања. Тој повторно беше пуштен во промет во целост во февруари.

„Сообраќајот на Кримскиот мост е запрен поради вонредна ситуација која се случи на руската страна на мостот. Се преземаат мерки за враќање на ситуацијата во нормала“, изјави Сергеј Аксјонов, шефот на руската управа на Крим.

Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, изјави дека во инцидентот загинале родителите на младо девојче. Руското министерство за транспорт соопшти дека нема оштетувања на столбовите на мостот, туку само на површината на патот.

Портпаролката на јужната команда на украинската војска Наталија Хумењук изјави дека инцидентот би можел да биде руска провокација.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста