Николоски испорача пет барања за заштита на македонските национални интереси

ВМРО-ДПМНЕ испорача пет барања за заштита на македонските национални интереси. Власта велат од опозицијата работи без стратегија и Македонија влезе во студена дипломатска војна со Бугарија. Блокирани ни се европските интеграции и сега Македонија е во позиција да потпише се што официјална Софија ќе побара. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вели сите фалби на владејачкото мнозинство паднаа во вода и добивме ново вето од Бугарија.

  • Секој си го поставува прашањето што е длабоката позадина на поданичкиот однос на владата на СДСМ и на ДУИ. Тие молчат затоа што се до гуша во криминал и корупција. Тие не се чесни и во Македонија владее криминалот и корупцијата. Тоа е јасно констатирано од бројни меѓународни институции и немањето ефективна битка со организираниот криминал и корупција како и невоведувањето на функционален систем на владеење на правото е основната причина зошто се надеваат дека со поданички однос кон Бугарија ова ќе биде заборавено и ќе им биде простено. Денес има целосно дезориентирана влада. Влада која нема одговорено соодветно на ниту една единствена провокација од Бугарија, влада која што молчи и влада која што поткленува на сите притисоци“ вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Најголемата опозициска партија бара власта да ги испита наводите на претседателот Пендаровски дека здруженија, фондации, поединци од странство се вмешани во креирањето проблемите и провокациите со негирањето на Македонија и македонскиот народ. Да се истражи на каков начин се финансираат бугарските здруженија во Македонија, повикуваат од ВМРО-ДПМНЕ и владата да го испита делувањето, целта и постоењето на бугарско здружение во Корча во соседна Албанија кое според Николоски водело отворената кампања против Македонија.

  • Бараме Македонската влада да побара доследно спроведување на пресудите добиени во судот за човекови права во Стразбур во насока на заштита и признавање на засебноста на Македонците во Бугарија, нивното право на здружување, нивното право на учество на избори, нивното право на образование на мајчин јазик како и нивното право на национално определување како Македонци. Должност е на Македонија да се грижи со сета сила и аргументи за правото на сите Македонци каде и да се наоѓаат“ вели Николоски.

Зошто дури до 4ти февруари ќе се чека да му биде забранет влез на некој во Македонија или да биде прогласен за персона нон грата прашува Николоски. Вели власта треба да се стави крај на овој негаторски однос и негаторски изјави од Бугарија бидејќи сите механизми се кај владата.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста