КСС бара повлекување на предлог-законите за плати и за работни односи, бараат да се чуе гласот на синдикатите

Власта тврди дека ги зголемува работничките права, синдикатите алармираат дека тие се погазени. Според Конфедерацијата на слободни синдикати, Новиот Закон за работни односи, односно законот за плати, мора да обезбеди поголема заштита и унапредување на работничките права, и за секое носење на законите да бидат консултирани, а не игнорирани. Бараат и во новото законско решение да не се дозволува исплата на регрес за годишен одмор по 100 денари, што досега добар дел од газдите тоа го правеа.

  • За ваков закон е потребен широк консензус и многу работа за да се усогласат сите колективни договори, коефициенти на сложеност и сите работни места во јавниот сектор, а во тоа треба да бидат вклучени сите чинители, а не да се стави на маса пред свршен чин и да се дебатира во јавноста која очигледно е многу малку заинтересирана за ова деградирање на Уставот, посочи Ралповски. 

Наместо да стави ред, новиот Закон за плати во јавниот сектор ќе отвори нови проблеми, додаваат од КСС, и сметаат дека не може под иста капа да се ставаат сите делови од јавниот сектор. За синдикалците, законот ги поништува колективните договори и социјалниот дијалог, што може да доведе до пониски плати.

  • Законот за плати во јавниот сектор е крајно дискриминирачки и противуставен и е спротивен на конвенциите на Меѓународната организација на трудот, конкретно Конвенцијата 98 – за здружување и колективно преговарање и Конвенцијата 154 – за колективно договарање во јавниот сектор, истакна Ралповски, додавајќи дека истите овие конвенции се ратификувани од страна на македонското Собрание и дека се обврзувачки.

Што се однесува до новото усогласување на платите, тоа тешко дека ќе се случи, зашто инфлацијата веќе ги изела парите.

  • Наместо да ни се дозволи колективно преговарање како досега, таа можност ни се одзема и се прави контрола врз синдикатите и врз колективното преговарање со што се загрозува и опстанокот на синдикалното организирање во јавниот сектор. Наместо усогласување на платите ние добиваме деградирање по сите основи со овие два предлог закона, рече Ралповски.

Владата не работи ништо, инфлацијата веќе го изеде покачувањето. Ако не се чуе гласот на работниците, според Ралповски, целата борба на синдикатите во изминатите години се „фрла во вода“ и она што е како стекнато право по коефициенти на сложеност на работно место, по стручност и образование, веќе нема да важи.

Инаку, јавните расправи со синдикатите и работодавачите започнаа во декември. Министерството за труд и социјала очекува законот да се усвои кон средината на оваа година.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста