Масовни протести низ САД по одлуката за укинување на правото на абортус

Масовни протести низ САД откако Врховниот суд донесе одлука да се укине федералното право на абортус дозволено уште во 1973-та со пресудата Роу против Вејд. Додека одредени луѓе се собраа пред Врховниот суд да изразат поддршка за донесеното решение, многу побројни незадоволни граѓани се собраа масовно на улиците низ многу американски градови. Во Вашингтон беше запалено државното знаме, во Аризона беше фрлен солзавец за да ги растера демонстрантите, илјадници активисти исто така се собраа во Њујорк, Филаделфија, Лос Анџелес, Детроит, Атланта  на протести за поддршка на правото на абортус.

„Плачам, бидејќи знам што следува. Она што треба да го направиме како жени е да се организираме, не да агонизираме. Ние сме мнозинството“

„Тие не се за животот, тие се за хипокризија, за раѓање, за контрола. Ако го сакаа животот, немаше да ја поддржат оваа одлука на Врховниот суд. Ќе поддржеа контрола на оружјето, на универзалната здравствена заштита, Ќе ги поддржеа овие работи кои влијаат на луѓето во оваа земја. Она за што навистина се грижат е да ги контролираат и репресираат жените“

Американската асоцијација на психолози предупреди дека ако се укине правото на абортус тоа ќе влијае на жените во вид на зголемена анксиозност, ниска самодоверба и незадоволство од животот, споредено со оние кои можат да го остварат ова право. Одлуката особено ќе удри врз посиромашните граѓани, кои биле жртви на силување и сексуална злоупотреба.

„Тие што се финансиски моќни ќе можат да одат во другите држави за да извршат абортус, но оние со понизок социјален статус ќе бидат заглавени“ – вели Лиза Палмер, психотерапевт и сопственик на „The Renew Center of Florida“.

По одлуката на Врховниот суд, многу клиники за абортус се затвораат ширум земјата, закажаните термини масовно се откажуваат, а граѓаните се принудени да одат во други подемократски држави кои се поотворени по ова прашање. Се очекува многу жени да почнат да вршат и нелегални абортуси или пак да го остварат правото вон САД.

9 држави експресно брзо донесоа закони за забрана на абортусот: Алабама, Арканзас, Кентаки, Луизијана, Мисури, Јужна Дакота, Јута, Висконсин и Оклахома.

Сојузната држава Јута  дозволува прекин на бременоста само во случај на силување, инцест и сериозна опасност по животот на трудницата,  Арканзас не признава никакви исклучоци, додека Мисури дозволува абортус само при сериозен ризик по здравјето на жената. Уште 20-тина други држави се подготвуваат на некаков начин да го ограничат правото на абортус на жените. Се смета дека дури 36 милиони жени ќе бидат загрозени поради оваа одлука. Претседателот Бајден ја опиша одлуката како назадување за 150 години, додека од друга страна, Ватикан очекувано ја поздрави, наведувајќи дека одбраната на човечкиот живот не можела да се ограничи на индивидуалните права, бидејќи животот бил прашање од „пошироко општествено значење“.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста