Координација кај Џафери за Бехтел и Енка- договорот ќе се разгледува зад затворени врати

Владата не се откажува договорот само да го презентира пред пратениците со безбедносен сертификат. За опозицијата е неприфатливо, бараат да го добијат во рака.

На денешната кординација кај спикерот Џафери без присуство на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, било договорено опозиционерите да одберат кога и во која комисија да им се прочита договорот со америконско турскиот конзорциум.

Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација; опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа, соопштија од Собрание.

ВМРО – ДПМНЕ децидни – договорот да биде даден на детално разгледување на пратениците. Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски во телефонски разговор за АЛФА рече дека  повеќе од една година не присуствува на координација и не присуствувале ниту на последната. ПОрача дека договорот сакаат да го добијат и да го разгледаат детално, а не да им биде само презентиран. Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека договорот кружел во Собрание меѓу пратеници од мнозинтвото, а некои од нив биле и без сертификат. Опозицијата остро реагира.

Ние не бараме Договорот некој министер да ни го раскажува, ние бараме и имаме право Договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страни договор, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница на која што ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги обзнаниме сите клаузули кои што се штетни по буџетот на Република Македонија. Тоа е нашето барање, вели Антонијо Милошоски

Од владејачката СДСМ, пак велат дека ВМРО ДПМНЕ само барале начин како да го одолговлечат проектот.

– Затоа треба ВМРО-ДПМНЕ да одговори кога конечно ќе кажат на која собраниска комисија сакаат да се зборува, да се разгледува договорот за изградбата на коридорите 8 и 10д. Одолговлекувањето им одговара токму поради тоа што им дава време да продолжат да шират лаги, да шират манипулации, но и да нанесат штета и на граѓаните и на државата, рече Богданка Кузеска, на новинарско прашање.

Инаку,  во Собранието тече процедурата за носење на 8 законски измени по теркот на Бехтел и Енка. Од ВМРО – ДПМНЕ повторија дека нема да ги закажат комисиите со кои претседаваат додека не го разгледаат детално договорот.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста