Бајден предупредува на опасност од екстремистите кои што го поддржуваат Трамп

Претседателот Џо Бајден зазеде многу поостар тон, велејќи дека верува оти поранешниот претседател Доналд Трамп и „МАГА републиканците“ претставуваат екстремизам што и се заканува на Америка. Бајден, исто така, рече дека му е доста од лагата дека изборите во 2020 година биле „украдени“ или „наместени“.

„Нема да дозволам волјата на американскиот народ да биде поништена со некакви теории на заговор и неосновани докази со тврдења за измама. Нема да стојам настрана и да гледам како изборите во оваа земја се украдени од луѓе кои едноставно одбиваат да прифатат дека изгубиле“, рече претседателот Џо Бајден.

Експертка за Гласот на Америка изјави дека верува дека Бајден го прозива Трамп сега затоа што ја чувствува промената.

„Мислам дека претседателот Бајден на некој начин го пресликува она што тој го чувствува дека е променлив ставот во дел од нашето општество. На луѓето не им се допаѓаат трендовите што ги виделе во последните неколку години, а тоа не се нужно прогресивни луѓе. И, тоа не се луѓе кои би поддржале кандидат на крајната левица, туку тие се луѓе кои веруваат во правичност, кои веруваат дека претседателот Трамп не требаше да излезе од Белата куќа со многу чувствителни документи“, рече Сесил Шеј, Совет за глобални прашања во Чикаго.

Трамп негираше каква било грешка при преземање на документите од Белата куќа и нивно складирање во неговата резиденција на Флорида, наместо тоа, ги нападна ФБИ и Одделот за правда, велејќи: „Овој упад беше прикриен напад врз демократијата“. ФБИ имаше налог да изврши претрес.

Неодамна Трамп рече дека ако се кандидира за реизбор и биде реизбран, ќе „биде многу тешко“ дека ќе ги помилува осудените во нападот на американскиот Конгрес на 6-ти јануари.

Светот со особено внимание го следи одбивањето на Трамп да врати доверливи документи. Реакциите се различни.

„За милијарда луѓе во светот кои не живеат во земја каде што Одделот за правда би се чувствувал овластено да истражува и потенцијално да гони поранешен претседател, тие гледаат на она што се случува во САД со одредена доза на стравопочит, па дури и завист”, додаде Шеј.

Експерт со седиште во Белгија вели дека многу Европејци со загриженост ги следат САД додека се приближуваат кон конгресните, државни и локални избори во ноември.

„Има голем интерес во обидот да се разбере каде се движат САД, дали Трампизмот ќе го надмине Трамп, како што сакаат да кажат овде… Мислам дека европските лидери го поминаа поголемиот дел од администрацијата на Трамп обидувајќи се да ја декодираат таа администрација и да дознаат како да се работи со неа поефикасно“, рече Јан Лесер, германски Маршалов фонд.

Лесер за Гласот на Америка изјави дека пред сè, сојузниците бараат предвидливост од Соединетите држави и рече дека тие не добиле многу од тоа за време на претходната администрација.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста