Трагедија во Шуто Оризари: Во пожар загинаа две дечиња- жителите се жалат, надлежните глуви

Голема трагедија во скопско Шуто Оразари. Во пожар загинаа две дечиња на 3 и 1 и пол годишна возраст. Пожарот зафатил четири куќи, а дечињата починале откако над нив паднала кровната конструкција од една од куќите. Командантот на противпожарната бригада Скопје, Владимир Симоновски вели, интервенирале одма откако ја примиле пријавата во 13:25 минути. Покрај возилата од Пожарна, на лице место имаше и полиција, а на терен излегле и три возила од брзата помош.

-Интервенирано беше првично со две возила од потцентар Бит Пазар, па после тоа од Автокоманда пративме уште две возила. Отидовме со командирот со третото возило. Констатирано е уште во стартот дека кровната конструкција и плафонот паднале врз децата, изјави Симоновски за Алфа.

Жителите на Шуто Оризари се жалат дека пожарите се доста чест и голем проблем во нивната општина. Велат долги години бараат да се формира противпожарна бригада таму, но институциите како да се глуви на нивните барања.

-Време е веќе без разлика кој ќе дојде на власт да воспоставиме противпожарна единица за да нема вакви немили случувања. Ако имаме време, начин и енергија да организираме балови, да организираме разно разни настани, можеме и мораме да воспоставиме да формираме против пожарна единица на локално ниво, вели за Алфа жител на Шуто Оризари.

По трагедијата на лице место беа и техничкиот премиер Оливер Спасовски и техничката министерка за труд и социјала Рашела Мизрахи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста