Од почетокот на Ковид-кризата без работа 50.000 лица, 5.000 фирми пропаднале за 6 месеци
50.000 луѓе од почеток на пандемијата до сега останале без работа. Според Агенцијата за вработување бројот на невработени во земјава се искачил на 150.000. Бројот на фирми, пак, кои пропаднале во првите шест месеци од годинава се искачи на 5.000. Централниот регистар само лани, избришал 6.214 компании, од регистрирани 7.077 фирми.
Дека овие загружувачки бројки се поразителни, постојано предупредуваше стопанството, кое бараше повеќе државни пари за спас на компаниите.
Угостителите, трговците, туристиичките работници, обложувалниците кои со денови книжат загуби, и во очај бараат од владата да попушти околу затегнатите рестрикции. Владините Ковид мерки кои веќе две недели се на сила им создаваат дополнителни главоболки во работењето на еден куп дејности.
Од Владата немаат конкретно решение за помош на најпогодените сектори кои со недели молат за помош. Велат дека ситуацијата ја следеле, без да кажат дали и кога ќе им излезат во пресрет и апелираа на имунизација.
- Со цел враќање во нормалата, ние повикуваме граѓаните да се вакцинираат за што побрзо да се постигне колективен имунитет. Тоа е единствениот начин како и економијата ќе се стабилизира и расте. Владата од самиот почеток на пандемијата носи навремени и соодветни економски пакети за помош и докажа дека е партнер на граѓаните и стопанството.
Граѓаните велат дека и во угостителските објекти, и во трговските центри мора да се почитуваат мерките за заштита. Но и дека треба да им се помогне на најпогодените за да го пребродат лошиот период.
Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи состанок за да ја анализира состојбата, по што ќе ги каже предлозите.
Во меѓу време, угостителите, туристиичките работници, менаџерите на трговските центри, вработени во обложувалниците, сите пред камерата на Алфа се пожалија дека прометот им бил опаднат од 50% до 70% изминативе две недели. Тврдат дека се оставени на цедило. Ако не добијат владина помош, ќе бидат принудени да им поделат откази на десетици илјади вработени.
Неофицијално, угостителите добиле уверување дека во текот на оваа недела можно било олабавување на мерките.
Борис Грујоски