ВМРО ДПМНЕ застана зад кандидатурата на Данела Арсовска за градоначалник на Скопје

Данела Арсовска е личност која победува и убеден сум дека ќе победи – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Најголемата опозициска партија ја поддржа независната кандидатура за градоначалник на Скопје на актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори – Данела Арсовска.

Скопје заслужува силна жена за градоначалник која ќе ги штити пред се и над се интересите на градот. Данела е личност која победува, и убеден сум дека ќе победи и во оваа трка најзначајна за скопјани и градот Скопје. Овој град паметел подеми и падови, градители и разурнувачи. Паметни и способни луѓе, но и арогантни поединци кој ја имаат окупирано функцијата градоначалник – изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ предупредува дека не смее да се ризикуваат уште четири години стагнација на метрополата и нови 400 милиони евра залудно потрошени пари на граѓаните колку што потрошил актуелниот градоначалник. За Арсовска смета дека како натпартиско решение ќе ги обедини сите чинители и ќе помогне граѓаните на Скопје да имаат поквалитетен живот:

Имаме 4 години стагнација. Скопје не смее да чека нови 4 години на експерименти и вложување надеж во арогантни и неспособни градоначалници и луѓе кои по 4 години мандат ќе ви велат дека само што не ги почнале ветувањата кои требале да ги започнат уште во првата година од мандатот – изјави Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ утре ќе ги соопшти имињата на уште на десетина кандидати кои ќе се борат за функција градоначалник. За кандидатите во Бутел, Гази Баба и уште неколку општини, очекуваат поддршка од нивниот коалиционен партнер, Алијанса на Албанците, а веќе објавија дека тие ќе ги поддржат кандидатите на Алијанса во Чаир, Тетово, Гостивар и Струга.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста