Кампањата за претседателските избори во САД пред самиот крај

Кампањата за претседателските избори во Соединетите Држави влегува во финишот. Телевизиите и социјалните мрежи се преплавени со политички реклами кои на различен начин се обидуваат да ги придобијат гласачите.

И Доналд Трамп… и Џо Бајден… се насекаде – и на телевизиите и на социјалните мрежи.

„Телевизиските рекламни кампањи главно се кампањи за убедување. Се обидуваат да ги премислат срцата и умовите“- вели Џенифер Стормер Гали, професорка на Универзитетот на Сиракуза.

Професорката од Универзитетот на Сиракзуа, Џенифер Стормер Гали, предводи проект кој ги анализира претседателските рекламни кампањи на Facebook и Instagram.

„Кампањите ги користат рекламите на социјалните медиуми за да соберат донации, да најдат гласачи, но и да добијат подобра слика кои се нивни поддржувачи веројатно и она што тие сакаат да го чујат“ – вели Џенифер Стормер Гали, професорка на Универзитетот на Сиракуза.

Таа објаснува дека партиите прават повеќе видови реклами за социјалните медиуми а потоа гледаат како гласачите реагираат на нив.

„Тие пуштаат стотици варијанти на реклама и гледаат што пораката навистина им кажува на гласачите. Оние кои имаат најмногу реакции односно кои водат до посети до нивниот сајт, за нив е поверојатно дека ќе бидат пошироко дистрибуирани“ – вели Џенифер Стормер Гали, професорка на Универзитетот на Сиракуза.

Доколку кликнете на рекламата веднаш започнува собирањето на вашите лични податоци.

„И доколку се уште ве немале, сега ве имаат во нивната база на податоци и ќе почнат да прават профили кои предвидуваат дали е веројатно да гласате за нив а потоа и какви пораки треба да ви испраќаат на Facebook за да се обидат да ве натераат да гласате или да се вклучите повеќе“ – вели Џенифер Стормер Гали, професорка на Универзитетот на Сиракуза.

Рекламите на социјалните мрежи претставуваат „повик за акција“. За разлика од нив, оние на телевизиите ги потенцираат карактерот, лидерството и политиките на кандидатот.

Стормер Гали вели дека овде има голема разлика меѓу Бајден и Трамп.


„Во неговите реклами тој повеќе зборува за темите отколку Џо Бајден. Бајден се претставува како анти Трамп. Оттука не го гледате опширно да зборува за политиките и главните теми“ – вели Џенифер Стормер Гали, професорка на Универзитетот на Сиракуза
.

Рекламите на телевизиите се многу поскапи од оние на социјалните медиуми, а експертите велат дека нивното влијание секој изборен циклус станува се помало.

Анализите на трошењето парите за кампањите покажуваат дека Трамп троши 22% повеќе од Бајден за реклами на социјалните мрежи а Бајден троши 28% повеќе од Трамп за промоција на телевизиите. За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста