Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на 10. Филмски фестивал во Пекинг

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на 10. Филмски фестивал во Пекинг, каде ќе присуствува и режисерот.

Фестивалот ќе се одржи кон крајот на август годинава, а заедно со Шангај, Бусан, Хонгконг и Токио е во петорката најголеми во Азија.

„Врба“ беше прикажан и на 39. Филмски фестивал во Истанбул, кој, поради светската пандемија предизвикана од коронавирусот се одржа онлајн. Петнаесетте одбрани филмови на фестивалот, меѓу кои и „Врба“, фестивалската публика можеше да ги види со купен билет за онлајн прикажување.

Сите досегашни филмски остварувања на Манчевски, низ годиниве, беа селектирани и прикажани на овој фестивал со долгогодишна традиција и еден од најголемите во Европа. Неговите филмови се изучуваат на универзитетите и во Турција и во Кина. Во 2017 Манчевски беше и првиот македонски уметник со ретроспективно претставување во Азија, во Шангај имаше циклус филмови, изложба, книга и предавање.

„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.

Беше поканет и на низа други фестивали, меѓу кои и Хамбург, Софија и Шангај, но поради светската пандемија тие беа откажани или одложени, па проекциите во Истанбул и Пекинг се всушност враќање на филмот во фестивалски живот.

Во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ. Филмот е македонско-унгарско-белгиско-албанска копродукција и беше поддржан од Агенцијата за филм како филм од посебен интерес.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста