Државата задолжена до гуша – јавниот долг достигна лимит од 60% од БДП

Македонија станува презадолжена земја, надминат е психолошкиот праг на јавен долг од над 60% од Бруто домашниот производ. Според официјалните податоци на Министерството за финансии вкупниот јавен долг на крајот на декември изнесувал 7 милијарди и 135 милиони евра. За само една година бил зголемен за дури 652 милиони евра. Едноставно кажано, за само 12 месеци, Владата го задолжила секој Македонец за дополнителни 326 евра.

Пресметките покажуваат дека за Македонија да успее да се раздолжи секој граѓанин би морал да издвои по над 3.500 евра.

На големата задолженост предупредува и Државниот завод за ревизија. Според нивниот извештај од почетокот на пандемијата долгот е зголемен за дури 15 процентни поени – во 2017-та година бил 47.7%, а на крајот на 2021-та достигнал 61% од БДП.

  • Во Република Северна Македонија и други држави во меѓународни рамки како одговор на здравствено-економската криза не секогаш е обезбедено почитување на фискалните правила за управување со јавен долг и дефицит и има зголемување на нивото на јавниот долг, наведува ДЗР.

Во ревизорскиот извештај се наведува и отсуството на клучни процеси во управувањето со јавните инвестиции и на ефикасно управување со јавниот долг.

На ваквите загрижувачки податоци подолго предупредуваат и економските експерти. Професорот Зоран Ивановски за Алфа рече дека Владата мора да води сериозна сметка за фискалните импликации на мерките кои ги презема и дека Македонија веќе е во црвената зона во поглед на задолжувањето.

  • Откако минималната плата доби зелено светло од сите засегнати страни, јас како економист стравувам дека тоа може да доведе до нови отпуштања на работниците, како и дополнително оптоварување на државниот буџет. Капак на се и јавниот долг кој се зголемува постојано, а тоа може дополнително да ја подгрее инфлацијата, која периодов зема се поголем замав, ако се суди по скапотијата која удри на се, вели за Алфа економистот и универзитетски професоер, Зоран Ивановски.

Јавниот долг беше една од главните критики на СДСМ додека беа опозиција. Тогаш предупредуваа дека Македонија била пред грчко сценарио иако задолженоста во 2017-та беше 4.7 милијарди евра, а во 2021-та надмина 7.1 милијарди.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста