Судската постапка на Трамп во Џорџија ќе се пренесува во живо на телевизија

Судијата одлучи дека судската постапка против поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите сообвинети во нивниот случај за изборна измама во Џорџија ќе се емитува на телевизија.

Судењето, исто така, ќе се пренесува во живо на Јутуб, објави судијата на Врховниот суд на округот Фултон, Скот Мекафи.

Трамп е меѓу 19-те лица обвинети за заговор за поништување на резултатите од гласањето во американската сојузна држава во 2020 година. Тој се изјасни за невин, откажувајќи се од правото да се појави на суд следната недела.

Трамп минатата недела се предаде во округот Фултон во Атланта, каде што беше фотографиран. Тој постојано негира дека сторил нешто лошо, опишувајќи го случајот како политички мотивиран.

Севкупно, Трамп се соочува со 13 обвиненија – вклучително и рекетирање – за наводен притисок врз функционерите во Џорџија да ги сменат резултатите од претседателските избори во 2020 година во таа држава.

Во судскиот документ поднесен во четвртокот, Трамп рече дека „целосно ја разбира“ природата на наводите и неговото право да се појави на суд.

„Разбирајќи ги моите права, слободно и доброволно се откажувам од моето право да бидам присутен на моето покренување на обвинението и од моето право да ми биде прочитано на отворен суд“, се вели во потпишаниот документ.

Трамп, актуелниот фаворит за републиканската претседателска номинација во 2024 година, се појави на секое од неговите три претходни обвиненија.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста