Синдикат на култура: Со новиот закон за плати во јавниот сектор државата ќе се претвори во „Убер-Капиталист“

Откако власта се пишмани за колективниот договор кој го потпишаа со културните работници, сега реши да го менуваат законот. Синдикатот на културата на Република Македонија со остра реакција, велат дека ова ќе биде кршење на Уставот, бидејќи со новиот предлог-нацрт закон за платите во јавниот сектор, Собранието ќе ги менува по сопствена волја, како што сака, односно како во кризна или воена состојба.

„Оваа Влада беше таа што го потпиша колективниот договор за култура, кој што еден од најдобрите во државата бидејќи го следи растот на минималната плата и трошоците за живот и со тоа платите за културата со секј пораст на минималната плата добиваа соодветно покачување. Очигледно овој начин престана да одговара на оваа влада“ – Истакна Вера Атанасовска, претседателка на синдикатот на култура на Република Македонија. „Со овој предлог закон точно во преодните и звршни одредби се кажува дека сите колективни договори, а се мисли на колективниот договор во културата, престануваат да важат со донесувањето на овој закон“. – Додаде таа

Државата ќе се претвори во „убер-капиталист“. Улогата на синдикатите се сведува на минимум, вели Атанасовска и додава дека не очекувала од влада предводена од социјал-демократска партија да се спротистави на синдикатите и колективните договори.

„Не, не очекуваме искрено. Сметавме дека баш тие ќе бидат оние кои ќе се заложат за социјален дијалог, за синдикализам… И со потпишувањето на овој колективен договор имавме едно позитивно искуство со оваа Влада, меѓутоа, еве, како поминува времето и целата економска ситуација што се случува во државата, имаме несакани последици, а тука спаѓаме и ние, како вработени во културата.“ – Посочи Атанасовска.

Во годината која измина Власта не пропушташе да се пофали за повисоките плати на јавната администрација. Но сепак, слективно. Додека во култура се очекува платите да се кратат, министерствата, главно предводени од ДУИ, добија енормни покачувања. Администрацијата во министерството за финансии се офајди со плати повисоки за 32%, а оние во образование и наука добија зголемување за 29%.

Од синдикатот на културата предупредуваат дека со новиот закон за плати во јавниот сектор сите колективни договори може да станат ништовни, па ги повикуваат сите синдикати да им помогнат во намерата да се спротистават на како што велат, ваквиот штетен закон.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста