Рафтовите во маркетите и натаму празни, лебот „оди ко алва“ каде што го има, расте и побарувачката на брашно

Продолжува лебната криза, откако Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб, а претежно, големите производители, одлучија да престанат да ги призведуваат. Леб, денеска во Скопје, можеше да се најде во малите пекарници, но количините се недоволни и брзо се трошат. За разлика од Скопје, на истокот на Македонија, снабдувањето е стабилно, а на рафтовите го нема, само лебот од скопските производители.

Леб денеска нема ни за лек, барем во Скопје, односно во поголемите маркети. Пекарите остануваат на ставот дека производство и испорака нема да има, откако стапи на сила владината одлуката за замрзнување на цената на 33 денари. Алфа и денеска направи обиколка во неколку маркети, каде можеше да се види дека рафтовите зјаат празни. Ама затоа преполни се оние со белите пецива. Во помалите фурни каде што се пече тазе леб, истиот бргу се троши. Граѓаните се револтирани и велат дека сами ќе си прават леб, барем оние повозрасните, зашто не сакаат газдите да се богатат врз нивниот грб.

Откако се замрзна цената не лебот, порасна и побарувачката на брашно во продавниците. Дел од граѓаните панично купуваат бидејќи сметаат дека и него ќе го нема. Велат дека ќе месат домашен леб и затоа го свртиле пола град за да купат брашно.

  • Леб нема денеска, се жалат граѓаните пред камерата на Алфа.

Од мелничко-пекарската индустрија во телефонски разговор за Алфа, велат дека се подготвени за разговор со институциите, но тогаш кога ќе добијат официјална покана, а не „повик“ или „апел“ преку прес-конференција.

И додека во Скопје нема бел леб, дел од помалите пекарници од источниот дел на Македонија ја почитуваат владината одлука и ја намалија цената на лебот. Во Штип лебот се продава од 30 до 33 денари, велат од тамошните пекарници.

  • Ние ги почитуваме мерките на Владата за поевтин леб. Сепак треба да се придржуваме до Законот, и да им се помогне на граѓаните. Печеме повеќе леб. Некои од граѓаните купуваат повеќе од тоа што им е потребно во текот на еден ден. Ние имаме доволни количества брашно да ги покриеме нашите потреби за еден или два месеца. Имаме леб по цена од 30 до 33 денари. Зошто другите пекарници продаваат по друга цена не можам да кажам. Можеби е поради поголемите резерви од брашно, па сега не можат да продаваат по пониската цена, велат пекари од истокот на Македонија.

Од Пазарната инспекција порача дека граѓаните не треба да се грижат и дека лебот чија цена Владата ја замрзна, ќе им биде достапен. Инспекторите, велат, се на терен и секој што не ја почитува одлуката, ќе биде санкциониран.

Инаку, недостиг од леб се случи еден ден по објавувањето на одлуката на Владата да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари. Останува отворено прашањето „Кој и зошто генерира лебна криза“.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста