„Работниците се државата“ – Синдикатите најавуваат протести за први мај

Масовни протести на 1 мај. Синдикатите го креваат гласот. Велат дека никогаш не било полошо, инфлацијата им ги јаде платите, а државата им ги крати правата. Доведени се во прашање и нешта за кои мислеле дека се избориле пред повеќе од 130 години како 8 часовниот работен ден и 40 часовната работна недела.

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, денеска порача дека тоа го прават бидејќи сега не е време за поделби.

  • Ние не сакаме за Први мај да заземеме страна, да поддржиме еден синдикат или другиот на протестите, оставаме сите членови и граѓани да се приклучат секој доброволно каде што мисли согласно слободното време, рече Ристески, додавајќи дека тој лично ќе присуствува и на двата синикални протести.

Тој додаде дека овој пат нема да се дозволи да се потпише колективен договор каде што одреден број на работници ќе добиваат К-15, а одреден број нема да добие.

Претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев, пак, порача дека КСОМ нема да дозволи, како што рече, така лесно да помине и 60 работни часа да биде работното време на еден работник во иднина.

За функционерите месо, за работниците ни коски. Од Сојузот на синдикати велат дека на Денот на трудот – ќе настапат под мотото „Работниците се државата“. Сметаат дека покачувањето на функционерските плати за 78%, воведувањето на 12 часовен работен ден за голем број работници, како и непотпишувањето на општиот колективен договор за јавен сектор, се доволен мотив да се излезе на улица и да се изрази незадоволството.

  • Сведоци сме дека власта без срам и чувство за одговорност ги убедува работниците дека за пораст на платите треба да се почека и сето тоа да оди постепено и бавно, за сметка на енормното покачување од 78% на нивните плати кое се реализираше веднаш и за кое носителите на власта нема потреба да чекаат. Без срам и чувство на одговорност власта ќе направи робови од работниците во сопствената држава кои ќе работат 12 часа дневно само заради исполнување на нечии бизнис интереси, велат од ССМ.

На први мај ќе има два протести. ССМ од 12, а КСС од 10 часот. Дел од синдикалците повикуваат на обединување – велат дека само така ќе се чуе гласот на работникот.

На прашањето на што се должат поделбите меѓу синдикатите, Ристески одговори дека мислеле оти овој пат сите ќе бидат заедно и потенцираше дека ова е нивниот последен обид да се свати дека не е време за докажување и за правење паралелни протести.

  • Ние мораме да се обединиме. Гледате Владата и работодавачите како настапуваат жестоко. Тие веќе не бираат средства, тие се здружени, и мора ние да сфатиме да станеме сериозни бидејќи од другата страна имаме луѓе коишто немаат пардон, коишто сакаат да глумат и Влада и работодавачи и буквално ја превземаат и улогата на синдикат, истакна тој.

Додаде дека на Први мај ќе пратат апел до двата синдикати за да пробаат дали може да настапуваат заеднички.

На прашањето зошто се уште се чекаат протести за Први мај кога функционерите веќе 80 проценти ги покачија платите и дека освен изјави преку медиуми нема никаква реакција околу тоа, Ристески рече дека се уште се преговара за Општиот колективен договор кој не е потпишан.

  • Се уште преговараме за Законот за работни односи. Се надеваме дека Владата и работодавачите ќе сфатат сериозно и да го потпишеме колективниот договор. Тука е и методологијата за плата, значи го кажавме нашиот став – нема да попуштиме, бараме истата методологија како што ги покачија и тие платите, подвлече тој.

Синдикалците порачуваат дека 1 мај ќе биде само почеток, доколку Владата остане глува на нивните барања протести ќе има цела пролет, се додека не се чуе нивниот глас.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста