Путин проговори за приклучувањето на Финска и Шведска кон НАТО

Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат проговори за приклучувањето на Шведска и Финска кон НАТО Алијансата. Тој предупреди дека доколку НАТО постави војска и опрема во овие две земји Русија ќе мора да одговори со иста мера. Според него неизбежно е нарушување на односите на Москва со Хелсинки и Стокхолм поради нивното членство во НАТО.

Со Шведска и Финска ги немаме проблемите кои ги имаме со Украина. Ако сакаат да се приклучат во НАТО, само напред! Но, тие мора да разберат дека претходно немало закана, додека сега, ако таму се распоредат воени контингенти и инфраструктура, ние ќе мораме да одговориме на ист начин и да ги создадеме истите закани за териториите од кои се создаваат закани кон нас“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија

Американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон од НАТО самитот во Мадрид го изнафалија турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Пофалбите дојдоа откако Турција ја отстрани последната значајна пречка за пристапот на Шведска и Финска во НАТО.

Сакам особено да ви се заблагодарам за она што го направивте, за договорот во врска со Финска и Шведска, но и за целата неверојатна работа што ја направивте во обидот да го извлечете житото од Украина, изјави Џо Бајден, претседател на САД

Главниот аргумент на Турција поради кој не сакаше да се согласи за прием на двете скандинавски држави беше дека Финска и Шведска претставувале прибежиште за членовите на Работничката партија на Курдистан, а која за официјална Анкара е терористичка организација. Следниот чекор е заедничка комисија на трите земји, а според објавените информации на сајтот на НАТО, Финска и Шведска во согласност со Европската конвенција за екстрадиција ќе ги испорачаат лицата што се обвинети за тероризам од страна на Турција.

Бојана Златкова










КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста