Граѓаните не веруваат дека цените ќе се намалат

Во услови на историски највисока инфлација и јавен долг граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Власта уверува дека мерките што ги презема ќе резултираат со намалување на цените на основните прехранбени производи. Очекувањата се дека поевтината струја за производителите тоа ќе го повлече. Граѓаните се грч и не веруваат дека следуваат подобри денови.

Ништо нема да има од поевтинување на прехрамбените производи, реагираат граѓаните, откако Владата најави дека цената ќе се намалела од следниот месец. Високите цени на лебот, млекото, маслото, месото, кои се покачија и повеќе од двојно, ништо живо не можело да ги поевтини, се жалат граѓаните. Според нив, откако лебот заминал над 60 денари, евентуалното намалување за некој денар, немало ништо да има помогне на и онака „изедените“ плати од инфлацијата.

Од пекарската индустрија рекоа дека намалување ќе има, но не сега како што најавува Владата, туку прво да поевтини струјата, а потоа ќе мислиме што натаму.

  • Остануваме на ветувањата за пониски цени на лебот и до 10%. Но, прво мораме да ја добиме струјата по оваа цена, да ја имплементираме во производството, и најрано по новата година да пресметаме колкав импакт ќе има врз вкупната производна цена, а со тоа и намалување на цените на основните продукти и лебот, велат од пекарската индустрија.

И додека граѓаните реагираат на скапотијата, Владата очекува намалување на цените за најмалку 10%. Причина за драстичното поскапување на производите беа зголемените трошоци на компаниите поради високите цени на струјата и до 10 пати повисоки.  

Дел од компаниите пак, за да ја избегнат скапата струја на слободниот пазар, со злоупотреби, се префрлиле на регулираниот пазар, каде цената е пониска. Надлежните уште во март алармирале до УЈП и финансиската полиција, но и по половина година нема никаков епилог. Ако до 1 декември не се вратат на слободниот пазар – ЕВН ќе ги исклучи. Во меѓу време, се подготвуваат повисоки сметки за струја од 1-ви јануари поради зголемувањето на ДДВ за 5%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста