Министерот за економија Крешник Бектеши не гледа причина за нови мерки за инфлацијата

Власта ја готви листата на производи за кои ќе се зголеми Данокот на додадена вредност, но истовремено и уверува дека цените на основните производи ќе се намали. Како – ќе сме дознаеле наскоро. Министерот за економија и натаму не открива конкретни детали, но тврди дека состојбата на терен била стабилна. Засега не гледа потреба од нови мерки за сузбивање на инфлацијата оти ефектите веќе се гледале во дел од маркетите. Според Бектеши веќе немало леб од 52 денари, за што се правеа драми во Владата.

  • Благо поефтинување мислам дека веќе има. Нема веќе леб 52 денари што се правеа драми тука во медиа центарот на Владата. За месец јануари се прават калкулациите и на компаниите и на стопанските комори и секако дека очекуваме да има дополнително намалување. Веќе некои ланци на супермаркети ја добиле пораката од Владата и почнуваат и сами да ги замрзнуваат цените, рече министерот за економија Крешник Бектеши. 

Што ќе се најде на листата за која ДДВ то ќе се зголеми, ќе се знае по Нова Година. Дотогаш, вели Бектеши, траеле консултациите со Стопанските комори и Организацијата на потрошувачи.

  • Листата пред да биде конечна и да се донесе од страна на Владата е дадена на проверка за консултации со стопанските комори а посебно со тие организации за заштита на потрошувачите, на граѓаните во целина се со цел заеднички да направиме листа која ќе биде во интерес на нашите потрошувачи, додава Бектеши.

Она што е познато е дека луксузните производи, како што се месото од ајкула, од делфин, косово масло, тартуфи – ќе се даночат со повисока стапка на ДДВ од 10%. Стапката кај основните прехрамбени производи, пак, ќе биде непроменета и ќе остане 5%. Инаку, мерката за ограничувањето на маржите кај прехрамените артикли, пак, ќе остане до крајот на април 2023. Во меѓувреме некои од маркетите повлекоа чекори за ублажување на шокот. Еден од поголемите трговски ланци соопшти дека до февруари ќе замрзне цени на 100-ина производи.

Борис Грујоски

Advertisements