Зошто серијата за Кочо Рацин се држи во бункер, а продуцентот и натаму добива пари од државата?

Шест години по снимањето на „Црвениот поет“, серија посветена на Кочо Рацин, продуцентот тврди дека се уште преговарал за нејзино емитување на некоја од националните телевизии.

Владимир Анастасов не сака да зборува пред камера и вели дека додека не склучи конкретен договор не може да каже ништо.
Овој став го повтори и пред неколку месеци, а тогаш доби демант од директорите на повеќе телевизии кои рекоа дека серијата никогаш не им била понудена.

Со тоа што „Црвениот поет“ не е емитуван продуцентот не го исполнил договорот со Агенцијата за филм која го финансирала, сепак ова не го спречува и натаму да добива државни проекти односно народни пари.
Од Министерството за култура, пак, велат дека серијата била понудена на МРТ, дека оттаму немало никаков одговор и дека со тоа продуцентот го испочитувал договореното.

– „Договорот е испочитуван, зашто во него е предвидено проектот да е завршен и понуден до телевизија со национална концесија. Сите други одредби се исто така испочитувани. За натамошнота поддршка што Анстасов ја добива од Агенцијата за филм, одговори ве упатуваме да побарате во Агенцијата“, велат од Министерството за култура.

Алфа ТВ испрати и прашања и до Агенцијата за филм, но оттаму нема никаков одговор.

Агенцијата за „Црвениот поет“ потроши 23 милиони денари, народните пари. Проектот првично беше одобрен од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а по промена на власта серијата не го виде светлото на денот.

Според засега неофицијални информации, добрососедскиот договор спречува серијата биде објавена, бидејќи содржината имала потенцијал контраверезно да биде сфатена од соседна Бугарија, по примерот на филмот „Трето полувреме“, кој предизвика бурни реакции кај највисоките ешалони на бугарскиот државен врв, на кој очиглено им пречи кога македонците се потсетуваат на своето минатото.

Во серијата за Кочо Рацин особено внимание се посветува на неговата револуцинерна активност, со сцени како Кочо Рацин во униформа на тогашна кралска југословенска војска се бори против Германците, неговото заробување од бугарски војници, како и сцени во затворот додека бил измачуван и испратен во логорот Корница во Бугарија.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста