Упадот во „КАМ“ маркетите им оди во прилог на еден од конкурентите, од УЈП демантираат дека има политичка позадина

Продавниците на познатиот ланец маркети „КАМ“ ги отворија вратите за граѓаните. Во јавноста почнаа да се шират шпекулации дека мотивот за ваквиот упад во „КАМ“, е прочистување на теренот во корист на еден од конкурентите на пазарот кој има сличен принцип на работа, но и влезот на познат светски ланец на маркети. Очекувано, од УЈП ги демантираат информациите.

Натписите „Попис“ повеќе ги нема на вратите на ланецот маркети „КАМ“. Од денеска сите 84 продавници се отворени за купувачите. По дво-дневното затворање на маркетите и чешлањето на документацијата од 300 инспектори, УЈП, не пронајде некаква неправилност, или грешка при работењето на трговецот. Велат дека нема затворен објект, а под лупа ќе биле и други ланец маркети. 

Ваквиот голем упад од страна на УЈП, предизвика шпекулации во јавноста дека мотивот за акцијата бил ослабување на позицијата на „КАМ„ во однос на друг ланец маркети кои се во подем, а имаат сличен, ако не и ист принцип за работа, но се блиски до власта. Се шпекулира и дека со оваа акција се расчистува и теренот за влез на странска компанија на пазарот со маркети.

Алфа праша во УЈП дали има вистина во шпекулациите дека во случајот „КАМ„ има и политичка позадина, односно фаворизирање на други компании. Од таму ги демантираат овие информации.

  • УЈП и инспекторите не познаваат ниту политичка, ниту верска, ниту пак национална различност. Контролите се вршат исклучиво и само во насока на почитување на Законите и за заштита на стандардот на граѓаните. Управата за јавни приходи, ќе продолжи да ги пресретнува  можните злоупотреби од страна на даночните обврзници и да спречи евентуално нанесување на штета врз граѓаните или буџетот, велат од УЈП.

Со оглед на тоа дека овој ланец на маркети не работеше речиси два дена, загубите на компанијата се огромни. Кој ќе им ја надомести направената штета, одговор за ова од УЈП нема.  

Инаку, инспекторите до доцна во ноќта вршеа проверки дали се почитуваат измените во ДДВ-то за основните прехрамбени производи кое изнесува 0%, се утврдуваат залихите во магацините, трошоците, приходите. Поради ваквите контроли, УЈП ги пломбираше продваниците на КАМ, за да не дојде до промена на состојбата кај трговецот.

Од ланецот маркети соопштија дека станува збор за редовни контроли и дека  објектите биле зтаворени за да се обезбедат услови за работа на инспекторите.

Колку за потсетување, пред неколку дена УЈП казни и 114 трговци, каде беше констатирано дека не ги прилагодиле фискалните каси на даночните измени, и основните производи наместо без ДДВ, ги продавале со данок од 5%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста