Угостителите бараат од Владата помош за плати, субвенции, кредити од петиот пакет мерки

Неповратна финансиска помош, односно исплата на плати и субвенции за сите вработени во угостителската индустрија додека траат рестриктивните мерки, односно до завршување на пандемијата, бараат угостителите од новиот пакет мерки на власта. Независната угостителска комора бара активно да учествува во креирање на петтиот сет економски мерки за финансиска помош.

Од таму за Алфа велат дека се незадоволни што не добиле покана за активно учество во нивното креирање. Бараат од власта да не остане глува на нивните барања.

  • Не знам зошто Владата и натаму останува глува на нашите барања. Не постои во светот индустрија која може да издржи и опстане со месеци соочена со континуирани бројни рестриктивни мерки и протоколи со ограничувања во своето работење на 30% и 50% од своите капацитети. Невозможно е со месеци да премостувате, одлагате и да го издржите притисокот за навремено исполнување на сите редовни 100% обврски, додека прометот и приходите се толку смалени што тековното работењето на угостителските објекти наместо планирани добивки генерираат енормни трошоци и загуби, вели Здравко Јосифовски, од НУК.

Јосифоски смета дека се потребни и дополнителни мерки како – финансиска помош за закуп и користење на деловен простор, законска регулатива во однос на трошоците за урбана опрема во време на пандемија, одложување на принудната наплата на долговите во кризниот период, како и креирање на регистар на угостителски објекти.

И додека угостителите бараат државна помош за спас на секторот, почнаа да ги бројат штетите предизвикани од пандемијата. Не паметат ваква, новогодишна ноќ, без прослава и со клуч на врата во 18 часот.

  • Ова беше катастрофална Нова Година и веќе никогаш да не се повтори. Бараме изготвување на неопходни препораки – протоколи врз основ на кои угостителите – рестораните специјализирани за свадби и ноќните клубови, барови и дискотеки ќе може да ги планираат своите активности за 2021 година и својот иден опстанок односно идна економска исплативост. Предлагање и креирање на услови кои треба да бидат исполнети за воведувања на трета фаза од протоколите за работа на угостителски објекти, додава Јосифовски.

Иако пандемијата удри врз сите сектори, најдраматично го погоди угостителскиот сектор, кој буквално клекна на колена, оставен на цедило, без доволна државна помош. Оваа дејност која вработува илјадници луѓе е со огромни загуби. Предизвикот сега е како тие да се надоместат, или барем малку да се ублажат за да нема клуч на врата за добар дел од угостителите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста