Трошоците растат, платите стагнираат – на едно семејство со ученик му се потребни плус 8.000 денари да преживее

Цените вртоглаво растст, живечката поскапува, граѓаните едвај крпат крај со крај. За 214 денари, само во август, пораснале трошоците на едно четиричлено семејство, покажуваат податоците од најновата синдикална кошница, при Сојузот на Синдикатите на Македонија. Спиралата на поскапување вртоглаво расте и зема се поголем замав, како да е ставена на брза лента.

Според овие податоци, на семејството, за да ги покрие основните потреби му требале 34.342 денари, а ако има барем еден ученик, тогаш трошоците се зголемуваат за најмалку 8.000 денари, или во тој случај, буџетот би изнесувал високи 42.342 денари, што добар дел од граѓаните можат само да го сонуваат.

  • Најмногу пари се одвојуваат за храна и пијалоци – 14.633 денари, а за домување 10.818 денари. Анализата на ССМ покажува, дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат. Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците и на цените, тогаш, ниту три минимални плати, не би биле доволни да го достигнат растот на минималната кошница, предупредуваат од ССМ.

Последно во низата поскапување се цените на мало на сите производи кои пораснале за дури 5% во однос на истиот период лани, измери државната статистика. Овој раст е само теоретски, а во пракса поскапувањето е далеку повеќе. Граѓаните бесни и буквално вријат по новиот бран поскапувања.

  • Ова веќе е неиздржливо. Скоро се е поскапено за повеќе од 20%, па може и повеќе. Тоа сега е деновиве откако се отиде на горе, а платите и пензиите никако да мрднат, посебно во ова време-невреме. Абе ова е катастрофа, ако вака продолжи кој знае како ќе биде, иде се полошо и полошо, не знам што ќе се прави, се пожалија граѓаните пред нашата камера, кои во очај бараат некој секориозно нешто да направи.

Сојузот на синдикатите на Македонија, бара минималецот да изнесува најмалку во висина од 60% од просечната плата, зашто ниту просечната, нуту пак две минимални плати не можат да ги покријат основните трошоци. Трендот на осиромашување, велат зема се поголем замав.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ август, во просек годишниот раст на цените изнесува 2,7 отсто, соопшти Народната банка.

  • Во овој период, позначителен раст се забележува кај цените на маслото за јадење и цените на нафтените деривати, предизвикан од движењата на светските берзи, а дополнително влијание имаа и зголемувањата од административна и регулаторна природа, како и повисоките цени во рестораните и во хотелите, што делумно е поврзано и со мерките за спречување на ширењето на ковид-19. Остварувањата кај инфлацијата се нешто повисоки од очекувањата, при што и натаму е нагласена неизвесноста во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, информира централната банка.

Колку за илустрација, во цела Европа во пандемија се намали личната потрошувачка, само во Македонија се зголеми. Во некои европски земји платите го следат растот на инфлацијата за да се спречи осиромашувањето на граѓаните, што кај нас тоа е само мислена именка.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста