Струјата ќе поскапува, јавниот долг вртоглаво расте – екепртите алармираат да се внимава

Задолжувањето вртоглаво расте, цените на клучните продукти вртоглаво се зголемуваат. Македонија одамна е во црвена фаза, но наместо да реагира власта демонстрира смиреност. Во серијата поскапувања кои ја вивнаа нагоре инфлацијата капак на се станува и најавата на премиерот дека струјата ќе поскапела и затоа требало да се инвестира во зелени технологии.

  • Сакаме зелена енергија, ќе поскапува и цената на струјата. Развиваме програми во кој што ќе создадеме фонд за обновливи извори. Следуваат сериозни предизвици, климатските промени си го носат своето, мора да бидеме составен дел од светот, имаме амбиција рамо до рамо со ЕУ, па дури и да бидеме порано од нив во делот на затворењето на РЕК Битола, Осломеј, рече премиерот Зоран Заев.

Академската фела предупредува дека состојбите стануваат критични, посебно во делот на задолженоста која надмина 7 милијарди евра и изнесува 62% од бруто домашниот производ. Критикуваат и укажуваат дека владата треба да биде исклучително внуимателна со управувањето на јавните финансии и народните пари. Академик Таки Фити вели дека мерките за добро менаџирање на јавниот долг треба да бидат насочени кон намалувања на владината непродуктивна потрошувачка,  или зголемување на даноците,  или да се комбинираат двата пристапа.

  • Финансиска консолидација може да се направи со кратење на владината потрошувачка особено непродуктивната еве сега како што се згради, мебел, автомобили, репрезентации и т.н или со евентуaлно зголемување на даноците. Јас велам блага прогресија не смее даночното оптоварување во Македонија толку многу да се зголеми мора да се води сметка и за данoчните стапки во нaшето опкружување, рече Таки Фити, Академик.

Министерот за финснии пак се правда дека Македонија била земја во развој. Уверува дека економскиот раст од 4,1% ќе се задржи, инфлацијата ќе се зголеми, а пораст ќе има и кај буџетскиот дефицит.

  • Веќе имаме усвоено стратегија од страна на Владата за реформи во даночниот систем за кои се започнати јавни расправи, за правичност и ефикаснот на даночниот систем во прибирање на приходите како и за зголемување на транспарентноста и квалитетот. Главната поента на Планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Академската фела вели дека брзината на закрепнување на економијата ќе зависи од брзината со која ќе се врши масовната имунизација. Враќање на нивото од пред кризата во Македонија се очекува догодина. Паралелно, цените ќе продолжат да растат, а животниот стандард ќе опаѓа. Народната банка веќе предвиде зголемување на инфлацијата која годинава ќе достигне 2,2%. Инаку, економскиот раст годинава, според Народната банка се очекува да достигне 3,9%. При пролонгирање на последиците од пандемијата, најверојатно догодина, растот ќе биде помал, односно 2,9%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста