Синдикалецот Благоја Ралповски избркан од работа, КСС бара власта да не врши притисоци

Премиерот Зоран Заев да ги заузда функционерите кои вршат притисок на синдикалците, и еднаш засекогаш да стават крај на нивното самоволие, бараат од Конфедерацијата на слободни синдикати. Поради фактот дека постојано критикуваат и се борат против погрешните политики на власта, претседателот Благоја Ралповски бил избркан од работа од Агенцијата за катастар на недвижности и покрај сите судски одлуки дека не се постапува правилно.

  • Како претседател на КСС вторпат добив отказ од мојата матична институција Агенција за катастар на недвижности иако само пред една година се вратив на работа по пресуда на Основниот суд и Апелациониот суд и со потврда на ревизија од Врховниот суд. Овој пат Трудовиот инспекторат констатираше дека со мојот втор отказ по исти основ се сторени експлицитни прекршувања на Законот за работни односи врз основа на што донесе решение за поништување на отказот, но наместо тоа се поништи решението на инспекторот од страна на Второстепената комисија на Влада, а инспекторот стана цел на прогон и дисциплински постапки, рече Ралповски и додаде дека има случаи во кои одредени функционери, потенцира, се поставуваат над законите и не спроведуваат правосилни пресуди во делот на функционирањето на синдикатите и си дозволуваат да ја сопрат членарината што ја плаќаат членовите на КСС, вели Ралповски.

Ралповски рече дека неколку пати досега барале средба со премиерот за расчистување на состојбите, но до такво нешто до сега не дошло. Според него, поради непочитување на одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа, се создале кластери во јавните и државните институции кои треба да бидат пример и за приватниот сектор.

  • Дел од раководството на КСС е под постојан притисок и прогон од именувани функционери, се бркаат од работа претседатели на грански синдикати при Конфедерацијата кои се и членови на Извршниот одбор, се бркаат од работа синдикални лидери на синдикални организации, се деградираат на работни места со неколку позиции надолу и се преместуваат на работни места надвор од местото на живеење. Притисокот секојдневно се зголемува и со откази и со прераспоредување на членови на синдикатот и оваа бројка постојано расте, рече Ралповски.

За сите дејствија во државата, велат, КСС постојано ги известува меѓународните организации во кои членува, како што се Светската и Европската конфедерација на синдикати, но ќе ја извести и дипломатијата во земјава и Европската комисија со пишани докази, зашто државата и натаму останува глува на нивните барања и апели.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста