Празничната трпеза досега најскапа – граѓаните велат ќе стават на маса колку дал Бог

Цените во маркетите и по пазарите секојдневно растат, а голем дел од граѓаните тешко ќе го истуркаат најскапиот месец – јануари. Празнично, граѓаните велат дека се истрошени за колку-толку да ја наполнат божикната трпеза. Месецов, велат, ќе мора малку повеќе да се стегнат за да го протуркаат месецот, но и да ги платат повисоките сметки за струја и парно. Реагираат дека цените на сите производи се зголемени, но сепак, скромно на бадниковата трпеза ќе постават колку што можат.

  • Ќе ставиме на маса колку што можеме, колку што Бог дал, да кажеме од се по малку – сарма, посно гравче, риба, кифлици ќе купиме и така, зашто ова со цениве е веќе неиздржливо. Мислам дека е лошо, така што се надеваме дека ќе биде подобро до година, велат дел од граѓаните пред камерата на Алфа.

Гаѓаните велат и дека пред празниците цените обично се зголемуваат, но ова година поскапувањето почнало многу порано. И покрај тоа што цените на основните прехранбени производи се замрзнати, сепак нема да им помогнат богатно да ја наполнат празничната трпеза и да го пребродат најдолгиот месец во годината. Велат кризата си го направила своето.

Трговците признаваат дека се е поскапено, но велат, мора да се купи од се по малку, за да се одбележи најголемиот христијански празник. Пазарџиите се правдаат дека производите ги набавуваат по повисока цена, па затоа се било поскапено.

Традиционалната празнична трпеза, според нашата пресметка, составена од посна сарма, грав, риба, ореви, костени, кифлички и десерт чини околу 4.500 денари. Најскапи се оревите и еден килограм оди и до 700 денари. Најскромно ќе се помине со готови кифлички кои чинат од 150 до 250 денари за килограм. Се продава и готова сарма, од 350 до 400 денари за килограм. Неизбежно на трпезата е да има и вино, сок или пиво, за што минимум треба да се платат уште 500-1.000 денари. 

Според статистиката цените на храната во третиот квартал лани, остварија годишен раст од 3,6%. Инаку, над 110.000 семејства нема да можат да си дозволат пристојна празнична трпеза. Според податоците на Синдикатот, толку граѓани земаат по 15.000 денари плата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста