Наместо да се расчисти, случајот со „Еуростандард“ Банка се дозаплетка

Наместо да се расчисти, случајот со „Еуростандард“ Банка се дозаплетка со меѓусебни препукувања меѓу сопственикот, институциите и штедачите. После 6 месечен молк, Јавното Обвинителство излегува со наредба за истрага во Банка. Го гони Трифун Костовски, неговиот син и уште двајца раководители, зашто постои сомнение дека сториле дело „предизикување на стечај“, како и продолжено кривично дело „перење на пари“.

Народна банка ги прескокна процедурите за носење на банката во стечај кои ѝ беа на располагање, вели Костовски и додава дека оваа банка станала жртва на одредени структури во земјава за која криминалот е повеќе од очигледен.

  • Ќе почнам со повторна прозивка на актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски да одговори јасно зошто со уредба на техничката влада, со сила на закон, објавена во Службен весник од 24 март 2020 година се дава тримесечен тајм-аут за сите правни субјекти дека нема да се покрене стечај после завршувањето на вонредната состојба. Со исто таква уредба со сила на закон, објавена на 29 мај 2020 година, во Службен весник на Република Македонија, првобитната уредба се суспендира. Со прости зборови се укинува, и дава зелено светло да може да се покрене стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Единствен правен субјект кој отиде во стечај, после укинувањето на вонредната состојба е „Еуростандард“ банка, вели Костовски преку неговата колумна.

Според обвнинителството во периодот 2018 – 2019 Еуростандард не постапувала согласно законот за банки и препораките од Народната банка. Со ваквото работење придонеле за генерирање на големи материјални загуби. Од нефункционални кредити за 149 фирми била направена штета од над 3 милијарди денари. Дополнително од 2017 до 2020 година во банката биле отворени нерезидентни сметки преку кои се вршеле трансакции, а „Еуростандард“ не пријавила сомнителни трансакции кои укажувале на перење пари.

Се јавија и оштетените штедачи. Прашуваат каде Николче Петкоски поклони 1,2 милиони евра пари од оштетените депоненти на „Еуростандард“?

  • Николче Петкоски доделил 1,2 милиони евра кредит на фирма на неговиот вујко која била и е презадолжена и која не била кредитоспособна да го отплаќа истиот. Воедно, фирмата сеуште ја должи истата сума зголемена за достасаната камата. Петкоски го одобрил кредитот додека Трифун и Коста Костовски потпишале и се согласиле да кредитот биде доделен. Кредит којшто бил даден за да не се врати. Чист криминал, реагираат штедачите.

Инаку, во август лани Народната банка ја одзема дозволата за работа на „Еуростандард“ поради неисполнување на минимални законски услови за работење. Клиентите со депозити до 30.000 евра беа обештетени од Фондот за осигурувања, но оние со поголеми депозити се уште молат Бога да има некакво решение, зашто парите им се заробени во Банката.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста