Музичарите револтирани – излегоа на протест пред Влада, зашто не им дозволува да работат

Ако власта остане глува на нашите барања, свесно ќе ја погреба македонската музика и култура. Дел од музичарите револтирани од владините протоколи, излегоа на улица. Незадоволни од одлуката да може да се свири на свадби, но не и во останатите угостителски објекти, како што се ресторани, кафулиња, ноќни клубови. Велат дека биле единствени на кои сè уште не им е дозволено да работат и се чувствуваат дискриминирани.

  • Целта на ова наше собирање е да ставиме точка на малтретирањето што го трпиме во последните месеци. Дојде време да нè пуштат да си ја вршиме работата. Без причина сме дискриминирани. Сметаме дека се постигнати условите да можеме да ја вршиме нашата дејност. Додека пред нас не се изнесат аргументи зошто само ние не можеме да работиме, ќе протестираме, изјави Трајко Симоновски, претседателот на „Музика сега!“.

Тие велат дека е нелогично да можат да се организираат свадби, а да не може да има свирки во кафулиња.

  • Ние доставивме протоколи за мали настани до Комисијата за заразни болести и Министерството за култура уште пред една година и тие беа ископирани од други европски земји. Досега не сме добиле никаков одговор, вели Симоновски.

Музичарот Џон Илија Апелгрин рече дека голем дел од семејствата се на работ на егзистенција. Вели, следниот пат ќе дојдат заедно со децата пред Влада, за да видат надлежните кого оставаат гладни.

  • Не сите музичари се вработени во државни институции, како Опера и Филхармонија. Некои живеат исклучиво од настапите во локалите. За Комисијата за заразни болести не е проблем шест луѓе да седат на една маса во кафеана и да боцкаат од иста салата, а музичар или диџеј кој настапува во еден ќош претставува голема опасност за околината. Не знам, како некој намерно да се обидува да го отепа овој дел од македонската култура. Затоа имам црна лента на ракавот, зашто ова буквално е погребување на македонската музика, изјави Илија Џон Апелгрен.

Музичарите најавија дека ќе продолжат да протестираат ако надлежните останат глуви на нивните барања. Уште лани предожија и протокол за мали настани за да можат да почнат со работа, но и по една година одговор нема. Инаку, поради пандемијата веќе 15 месеци над 1.500 музичари немаат настапи и седат дома.

Паралелно, свадби ќе има, ама без гушкање, ракување и без оро. Газдите се скептични дека се ќе биде по планот, но се надеваат дека нема да има прекршоци. За непочитување на протоколите предвидени се казни од 2.500 до 30.000 евра за локалот во зависност од големината.

Дали на свадбите се почитуваат протоколите ќе контролира Пазарната инспекција. Во меѓу време, олабавување на рестриктивните мерки ќе има од 15 јуни, но ако здравствената состојба е добра, вели здравствените владти.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста