Мицкоски за Алфа: Пописот е нецелосен и незавршен, ќе направиме нов електронски

Опозицијата најавува нов, електронски попис по доаѓањето на власт. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на телевизија Алфа оцени дека најголемата статистичка операција е нецелосна и недовршена зашто 7.2% од населението е само административно пребројано. Тој порача и дека на Македонија во време на економска и национална криза и е потребно обединување.

Пописот е нецелосен и незавршен, затоа по промената на власта ќе направиме нова и реална статистича операција спроведена електронски. Ова го најави лидерот на опозицијата во гостување на телевизија Алфа. Христијан Мицкоски потенцира дека 132 илјади луѓе се само административно попишани, па за нив не е наведена етничката или религиската припадност. Тој вели и дека ја почитува одлуката на тие кои не се изјасниле, но и дека со нивното попишување бројката на Македонците би била поголема.

  • Ние уште на самиот почеток имавме многу забелешки за оваа статистичка операција, но оној заклучок кој што можеме да го кажеме покрај фактот дека таа е некомплетна, е дека мнозинството, огромно мнозинство повеќе од 90-тина% од тие кои што не се изјасниле се дел од македонскиот народ според општините каде тие се наоѓаат и ние ги наброивме денес на прес-конференцијата но истовремено и порачавме дека веднаш после промената на власт ќе имаме една вистинска статистичка операција, електронски попис на кој што јасно ќе знаеме колкаво е резидентното население во Македонија, вели Мицкоски.

Христијан Мицкоски вели и дека Македонија губи население, 10 проценти во однос на претходниот попис што, според него, е поразителен факт за сите политички елити и политичари кои изминативе 20 години функционираа на политичката сцена.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде и дека народот страда од поделби, дека е потребно обединување, особено во време кога се соочуваме со економска и национална криза.

  • Нас ни треба во овие тешки времиња на сериозна економска криза, на сериозна национална криза, на сериозна криза која што веќе подолго време владее да се обединиме а не да продолжиме да се делиме и мислам денеска и тоа го зборувавме на прес конференцијата дека од поделби ние страдаме иако јас длабоко ценам дека треба од сето ова да извлечеме поука и да се обединиме околу политичкиот субјект ВМРО-ДПМНЕ како никогаш досега за да може на државата да и тргне, да може на Македонија да и тргне, додава Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува протестите на синдикатите, вели партискиот лидер според кого тие во парламентот веќе се обиделе да интервенираат во законот за вработените во образованието но и за вработените кои се дел од јавната администрација. Тој обвини дека додека народот крпи крај со крај, владата на СДСМ отворила само 24.000 нови работни места во приватниот сектор, додека во јавниот сектор бројот го зголемила за нови 30.000 места, во најголем дел, како што рече, партиски војници.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста