Манчестер сити преку ПСЖ до историско финале во ЛШ

По триумфот во Париз со 2-1, Манчестер сити и на свој терен со 2-0 го совладаа Пари Сен Жермен за историско финале во најпрестижното клупско натпреварување во Европа. Снежната покривка среде пролет во Манчестер не преставуваше проблем за домашните, особено за Ријад Марез, кој со два погодоци го завери пласманот на „Граѓаните“. Мароканската ѕвезда го отвори резултатот во 11-тата минута, а конечните 2-0 ги постави во 63.минута. ПСЖ го немаше Мбапе во тимот, а последните 20 минути ги одигра и со играч помалку откако Ди Марија заработи директен црвен картон. Гвардиола тактички го надмудри Почетино, Сити го спречи ѕвездениот тим од Париз до второ финале во низа, а се избори за свој прв финален меч по огромното вложување од страна на емиратските газди. Потрошените 2,5 милијарди долари на засилувања конечно се исплатија сезонава, Сити е на чекор да ја освои Премиерлигата, веќе го освоија Лига Купот, а на 29 мај во Лисабон ќе имаат шанса и за прв трофеј во Лигата на шампионите. Противникот ќе го дознаат вечерва по пресметката во Лондон, каде Челси го дочекува најтрофејниот Реал Мадрид со 1-1 од првиот меч во шпанската престолнина.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста