Малите бизниси тонат, трговците крахираат – Корона кризата зема огромен данок

Малите бизниси тонат, трговците крахираат, мерки за спас на стопанството речиси и да нема, се жалат дуќанџиите, кои предупредуваат дека дишат на шкрги. Оние мерки кои до сега ги дала државата, велат, немале никаков ефект. Добар дел од сопствениците на продавниците се плашат јавно да зборуваат, но велат дека било многу лошо.  

  • Пропаднавме, готови сме, човек нема да влезе, ова е страшно што ни се дешава. Еве гледај, не само кај нас, види во сите дуќани тука дали има луѓе, нема, а нема ни да има ако ова вака продолжи. Немаме зборови, се жалат дуќанџиите пред камерата Алфа кои не сакаа јавно да зборуваат.

Слабата заработка, но и пандемијата е главната причина што добар дел од закупците размислуваат да ги затворат бизнисите, велат дека не можат да преживеат.

  • Сама работам во дуќанов сега, а тука сум 25 години, а сегашнава ситуација е неиздржлива. Не можам да вработам никој, зашто не можам да го платам, зашто не можеме сами да преживееме, а камо ли да вработуваме други, се жалат други дуќанџии кои не сакаа јавно да зборуваат.

Но има и такви, кои се осмелија јавно да проговорат. Велат дека тешко се издржува, но сликата е повеќе од алармантна, се жалат тие.

  • Живуркаме, лошо е, но се надеваме дека ќе биде подобро, мора да сме оптимисти. А сега? Сега може да кажам дека дишиме на шкрги, тешко е, а лошо е и во цела текстилна индустрија, зашто нема работа, луѓето се во паника, алармираат сопствениците на продавниците пред нашата камера.

Дека сликата е загрижувачка јасно се гледа од снимките каде добар дел од дуќаните во трговски центар „Бисер“ ставија клуч на врата. Најчестата налепница на продавниците е дека Дуќанот се издава или се продава.

Бизнисите тонат, а државата ја нема никаде да помогне, се жалат дуќанџиите, велат дека тешко опстануваат зашто жив човек не влегувал.

Граѓаните велат дека немаат пари да се прехранат, а камо ли нешто да си купат за себе. Од менаџментот на трговски центар „Бисер“ за Алфа велат дека ситуацијата е катастрофална, но јавно не сакаа да зборуваат.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста