Енергетската криза почна на 9 ноември, а се очекува да заврши кон средина на 2022. – цехот ќе го плати народот

Светот, Европа, Балканот, но за жал, енергетската криза не ја одмина и стаса и во Македонија. Се почна есента 2021, а Владата официјално ја прогласи на 9 ноември лани. Она што беше клучно е што во земјава производството на струја драматично се намали, се купуваше скапа струја, па дури во одредени денови беше запрено домашното производстви поради дефекти во РЕК „Битола“ кој кубури со опрема. Стопанството се соочи со силен удар, зашто кризата, како што велат бизнисмените, си го направила своето. Повлече поскапување на се, а капак беа поскапите сметки за струја. И покрај смирувачките тонови од, од бизнис секторот велат дека сепак сиот товар ќе падне врз грбот на граѓаните.

Според првиот човек на најголемата Стопанска комора Бранко Азески, не чека тешка зима со драстично повисоки сметки на секое поле.

  • Од каде пари за ова, јас знам со сигурност од каде, од нас ќе земат пари тоа е фиксен одговор, вели претседателот на СКМ, Бранко Азески.

Ваквиот став го делат и енергетските експерти. Според професорот Константин Димитров, државата работи неразумно, и злонамерно сака да им наштети на граѓаните со поскапите сметки за струја, кој силно ќе удрат врз нивниот џеб.

Димитров веќе предупреди од заткулисни игри и пазари кои многу лесно ќе ја направат зимата да ни биде најскапа досега. Вели дека тотално несериозно е да се купува скапа струја, а да не може да се произведува од домашните капацитети.

Според бизнис секторот, она на што треба да се посвети земјава по завршувањето на кризата се мерки кои ќе бидат насочени кон изградба на капацитети кои ќе остваруваат поголем профит.

За справување со последиците од енергетиската криза, наместо досегашните 65 милиони, обезбедени се дополнителни пари во буџетот за 2022, но министерот за финансии Бесими не открива од каде.

  • Во 2022 има уште 10 милиони евра за докапитализација на ЕСМ, тука се и тие 15 милиони за ЕСМ за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. Тоа се случува функционира има и други мерки, рече Фатмир Бесими, министер за финансии.

Според Комората, критични се првите три месеци од 2022 година во однос на енергетската криза, но се надеваат дека Владата ќе остане на најавите да насочи дел од произведената струја во ТЕЦ „Неготино“.

  • Во овој момент најголем дел од компаниите заради прекинување на долгорочните договори кои ги имаа со трговците, се префрлија на режимот на плаќање месец за месец, односно на динамична цена која е врзана со берзите се со цел да не потпишуваат долгорочни договори на многу високи цени. Меѓутоа, факт е дека првите три месеци од следната година се критични и мислам дека треба да направиме максимални напори. Во Комората се обидуваме да обезбедиме што е можно поевтина енергија и се надевам дека Владата ќе остане на својата определба дел од произведената електрична енергија од ТЕЦ Неготино да ја упати директно кон членките на Комората, рече извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев.

Од бизнис секторот се надеваат дека струјата од ТЕЦ „Неготино“ ќе биде насочена во стопанството. Велат треба да бидеме свесни дека во иднина одредени количини на јаглен ќе мора да се увезуваат, но да се најде начин да биде по пониска цена. По сите турбуленции бизнисмените се надеваат дека во 2022 ќе се намалат. За постепено излегување од глобалните притисоци, сметаат дека е потребен раст од 5% до 7% три години со ред.

Освен на струјата, на светските берзи рекорди руши и цената на гасот. За да им се излезе во пресрет на фирмите, државата одлучи да ја укине давачката за увоз на гас, но за стопанството оваа мерка нема многу да помогне.

Претходно, среде најголема енергетска криза, имаше смена во државната „МЕПСО“. Орхан Муртезани седна на фотељата на Куштрим Рамадани, кој јавно кажа за колку пари беше задолжена Македонија. Компанијата заради кусоците на „ЕСМ“ и на приватните снабдувачи од регионалната мрежа, превзеде струја во вредност од 18,5 милиони евра, пари од државата, односно од централниот буџет. Енергетската криза се очекува да се ублажи дури кон средината на 2022.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста