Димитров за Алфа: Вовлечени сме во жива кал, државата сериозно да пристапи кон струјните шокови

Како наближува крајот на годината така расте неизвесноста околу новата цена на струјата која како што тргнале работите многу лесно може да се случи да биде и поскапа од најавените 10%. Експертите се загрижени и предупредуваат дека е тотално несериозно да се купува скапа струја, а да не може да се спроведе тендер таа да се произведува од домашни капацитети. Предупредуваат од заткулисни игри и пазари кои многу лесно ќе ја направат зимата да ни биде досега најскапа.

Државата е вовлечена во жива кал на економски и енергетски план, и крајно време е власта сериозните проблеми да ги решава сериозно, а не лежерно, реагираат економските експерти откако по четврти пат пропадна тендерот на „ЕВН“ Хоум бидејќи „ЕСМ“ не достави понуда за снабдување со струја за домаќинствата. Според професорот Константин Димитров, државата работи неразумно, и злонамерно сака да им наштети на граѓаните. Вели власта крои вештачка цена на струјата и објаснува дека нема логика да купуваме струја за над 200 евра за мегават час, а истата да ја продаваме за 36 евра, па така натрупаните долгови ќе паднат врз грбот на граѓаните.

  • Ние сме вовлечени во жива кал на економски и енергетски план, и крајно време е власта сериозните проблеми да ги решава сериозно, а не лежерно. Но одговорност нема, ниту за тој што ја постави цената на 37 евра за мегаватчас ниту за тој што бездушно ја трошеше водата од хидроцентралите во услови кога можеше да купува струја за 50-60 евра за мегаватчас. Затоа дојде ред сега откако ја потроши водата, со наши пари да купува по цена од над 200 евра за мегаватчас, состојбата со „ЕСМ“ е критична, вели за Алфа енергетскиот експерт Константин Димитров.

Димитров алармира дека не чека тешка зима со драстично повисоки сметки на секое поле. Првичното поскапување на струјата за околу 10% е вештачко и нереално, а Владата наместо економски, новата цена на струјата ја крои политички.

Инаку, државната компанија за производство на струја „ЕСМ“ по 4-ти пат не понуди цена на струја за идната година на тендер за снабдување на домаќинствата. Според експертите, „ЕСМ“ никогаш не бил во потешката ситуација зашто се наоѓа во „менѓеме“ меѓу популистичките барања на акционерот т.е. Владата, а од другата страна реалните трошоци за производство на струја.

Македонија се соочува со енергетска криза, откако цената на струјата на меѓународниот пазар доживеа енормен скок. Денес таа изнесува околу 300 евра за мегават час. За да ја ублажи енергетската зависност од увоз, државата реши во финкција да ги стави сите расположливи домашни производни капацитети. Сепак, и покрај ова, веќе е сигурно дека од 1 јануари граѓаните ќе плаќаат поскапа струја.

Стабилизација на цената на струјата, според економистите, се очекува дури кон средина на следната година. До тогаш, граѓаните со тешки маки ќе крпат како да си ги платат сметките. Каква цена и да понуди „ЕСМ“, упатените велат – Господ да е на помош.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста