3.000 евра од култура за книгата „Албанците од Северна Македонија (Источна Албанија) во борба за национална независност“

Дел од Македонија е Источна Албанија! Министерството за култура финансиски ќе ја поддржи книгата „Албанците од Северна Македонија (Источна Албанија) во борба за национална независност“. Книгата е дело на професорот по историја на Тетовскиот Универзитет Веби Џемаили. Од годишната програма за култура за овој дискутабилен проект, на сметката на професорот ќе легнат 3 илјади евра. За министерството, оваа книга која содржи ставови дека дел од територијата на Македонија е дел од Источна Албанија е добар и издржан проект од национален интерес.

Веби Џемаили долги години е познат во јавноста по неговите контроверзни ставови дека од Дебар до Велес никогаш не постоела Македонија, односно дека тоа е источниот дел на Албанија.

„Од Велес нагоре, Тетово, Дебар, Струга, Кичево, немало Македонија. Овие краишта биле албански источни краишта. Ние се соединивме во една заедничка држава во 1945 година под името Македонија“ – рече Веби Џемаили.

Годишната програма на министерството за култура предизвика бурни реакции исто како и лани. Освен оваа книга, за многумина контроверзно е и тоа што ќе му бидат доделени 5.000 евра на ансамблот за народни песни и игри „Илирида“. Спорен е нивниот назив, „Илирида“ што се поврзува со илегалната воена организација која се залага за обединување на сите територии на Балканот каде што живеат Албанци и се наоѓа на црната листа на САД.

1.500 евра ќе добие и независниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ за книгата „Долно Коњари низ слика и време“, како и поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин кој конкурирал за организирање на настанот „Современа иконографија“.

Убедливо најмногу пари ќе добие „Скопскиот џез фестивал“ – над 80 илјада евра. Годинава е на првото место, откако лани првично беше одбиен, но по жалбата од организаторот му беа доделени скоро 50 илјади евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста