Четврт ден МВР уште истражува кој испраќа лажни дојави за бомби во средните училишта

Министерот Спасовски бара најсторги казни, но, веќе четири дена нема осомничени за тоа кој сее страв и паника помеѓу скопските средношколци пријавувајќи лажни бомби во средните училишта.

Од министерството денеска за Алфа велат дека одделението за компјутерски криминал работело на расчистување на случајот, додека пак министерот Спасовски смета дека станува збор за сценарио и оти во моментов се прават анализи за тоа дали се хибридни напади или заднината се политички интереси.

Три дена по ред, скопските средношколци беа предмет на психолошки терор преку лажни дојави за бомби, а во училиштатата наместо ученици, имаше анти-терористички единици и полициски кучиња.

Мислењата меѓу безбедносните експерти поделени. Дел се сомневат во несовесни ученици. Велат дека доколу станува збор за екстремистички или терористички групи, цел немало да бидат само училиштата, туку болници, породилишта или градинки, кои не можат лесно да се евакуираат, додека пак други сметаат оти е мала веројатноста некој да се заканува со бомби затоа што сака да одложи испрашување. Што и да е причината таа предизвика страв и паника кај населението.

Од сојузот на средношколци побараа министерството за внатрешни работи максимално да се посвети во потрагата по сторителите, како и брза разрешница за безбедна настава. Додека пак министерството за образование и наука ги осуди лажните дојави за бомби.

  • „МОН ги осудува постапките на субјектите кои ја попречуваа работата на неколку средни училишта во главниот град во изминатите денови. Се надеваме дека од страна на соодветите органи ќе бидат пронајдени и санкционирани час поскоро.“ – Стои во соопштението од Министерство за образование и наука.

Оттаму исто така аплеираат училиштата да го зголемат нивото на безбедност. Засега, училиштата чекаат насоки од градот за тоа како ќе се обезбедуваат во наредните три месеци.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста