Скапа живеачка: Цените „експлодираат“, граѓаните се жалат дека живеат лошо, експертите бараат нови мерки

Растот на цените на производите кои буквално експлодираат сериозно влијае врз животниот стандард на граѓаните кој од ден во ден се повеќе тоне, реагираат економистите. Велат ако Владата итно не преземе реални мерки за помош на граѓаните и стопанството, сиромаштијата ќе биде уште поголема. Капак на се е и поскапувањето на струјата, парното, гасот кои можат уште повеќе да ја подгеат инфлацијата, која и онака им ги „јаде“ парите на граѓаните.  

Живеачката станува се поскапа, цените на производите се повисоки, а платите стојат в место и никако да тргнат на горе, реагираат економистите. Екпертската јавност со низа препораки за заштита од ценовните шокови. Препорачуваат мерките да продолжат и да се замрзнат цените по примерот на Србија. Велат ако Владата итно не преземе реални мерки, сиромаштијата во државата ќе биде уште поголема, а инфлацијата и натаму ќе ги „јаде“ парите на граѓаните.

  • Имаме зголемување на сиромаштијата која во моментов изнесува 22 проценти што значи дека скоро 440 илјади жители во државата живеат во сиромаштија. Индикативно е што осум проценти од вработените ја чувствуваат сиромаштијата, 45 проценти од невработените, седум проценти од пензионерите и 33 проценти други неактивни лица. Како држава сме лидер во регионот со апсолутна сиромаштија. Дури три проценти од сиромашните во државата живеат со 1,9 долари на ден, а 23,7 проценти со 5,5 долари на ден. Тоа се фрапантни бројки и мора да се преземе нешто како да се намалат зашто сиромаштијата доаѓа и од бранот на зголемување на цените и од Ковидот, изјави ректорот на УМТ, проф. др. Изет Зекири.

Тој нагласи дека процентот на екстремна сиромаштија во Грција изнесува 1, во Србија 0,98, во Бугарија 0,76, во Хрватска 0,48, во Албанија 0,35 и во Црна Гора 0,34 проценти. Препорача Владата да преземе мерки за намалување на сиромаштијата преку поддршка на сиромашните со парична помош, преку вклучување на сиромашните на пазарот на трудот, нивно вработување и целосна реформа на социјалниот систем и рамномерно распределување на приходите и на поддршката на сите сиромашни кои ги има во државата.

  • Тоа е сет на мерки што Министерството за труд и социјална политика, па и другите министерства треба да ги предложат во оваа сфера, посочи Зекири.

Иако пандемијата го урна, енергетската криза може да го дотепа животниот стандард на граѓаните кои од ден во ден станува се послаб. Какви мерки ќе се воведат за заштита на ценовните шокови барем засега е неизвесно. Има само најава за од септември, но прашањето е дали ќе има и доволно пари за нивна реализација. Експертите апелираат на внимателност.

Претседателот на Универзитетскиот сенат на УМТ, проф. др. Сузана Јордановска рече дека смета оти досегашните мерки за замрзнување на цените и маржите на основните производи дале резултат.

  • Како научна јавност сметаме дека и понатаму треба да продолжат мерките кои беа преземени во изминатиот период за да може на некој начин барем да се држи во место трендот кој за жал од ден во ден расте. Мерките на само што треба да се имплементираат и понатаму, туку треба да се изнаоѓаат и други мерки. Мислам дека повторно треба да се воведе замрзнувањето на цените, потенцира Јордановска.

Растот на цените на одредени производи беше сериозен, а допрва може да стане и драматичен со новите цени на струјата, парното, гасот кои се актуелни од стартот на 2022 година.

Дека државата не го служа гласот на работникот алармираа и од Сојузот на синдикати на Македонија кој најави дека ќе поднесе тужба зашто Владата нема слух за усогласувањето на платите со порастот на минималецот, пари кои на граѓаните им се и повеќе од потребни. Тужбата, како што велат од ССМ, ќе биде поднесена пред домашните и странските судови.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста