ЕИБ контра Арсовска: Од почетокот на проектот се почитуваат условите и обврските

Европската инвестициона банка контра градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Оттаму велат дека сите прописи во проектот за изградба на пречистителна станица се испочитувани од самиот почеток.

– „Набавките се спроведени во согласност со водичот за набавки на ЕИБ и во согласност со одобрената стратегија за набавки. До денес, Комитетот за евалуација, потпомогнат од искусен тим, од меѓународни консултанти, ги извршуваше своите задачи на посветен начин“ – Велат од Европската инвестициска банка за ТВ Телма.

Од ЕИБ, недвосмислено објаснуваат и што ќе значи обидот за ревидирање на актуелната постапка.

– „Обидите да се ревидира стратегијата за набавки, без соодветно оправдување во оваа фаза од процесот на евалуација, или неусогласеноста со важечките принципи за доверливост, може да предизвика значително одложување во процесот на набавка и на тој начин може да ја загрози достапноста на средствата“ – Додаваат од банката.

По објавата на ставот од Европската инвестициска банка, сега веќе поранешниот директор на ЈП Водовод и каналзиација вели дека градоначалничката има доста за објаснување.

„Епа градоначалничке ќе имате доста за објаснување. ЕИБ ја демантира Арсовска и потврдува дека секој чекор на Водовод и канализација е во согласност со правилата и процедурите.“ – Напиша на социјалните мрежи Златко Перински.

Политичките турбуленции и разрешувања во градската администрација започнаа токму за овој проект кога градоначланичката обвини за несовесно постапување за тендерот за нејзина изградба и бараше промена на дел од членовите во комисиите.
Инаку, вредноста на овој проект е 136,7 милиони евра, а е финансиран со заеми обезбедени од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста