Власта ќе се задолжува кај граѓаните – во јуни прва граѓанска обврзница

Министерството за финансии планира да се задолжува и кај граѓаните преку нова граѓанска обврзница. Таа ќе се издаде во јуни, а државата ќе ги намени парите за капитални проекти. Министерот за финансии Фатмир Бесими не прецизираше колкава ќе биде точно каматата, но рече дека таа ќе биде меѓу каматните стапки на банкарските депозити и еврообврзницата. Во оваа обврзница граѓаните ќе може да ги вложуваат своите заштеди, а каматата што ќе ја добијат ќе биде поголема од банкарската.

  • Имам дилема дали и јас да купам обврзница, поради конфликт на интереси, но тоа може да го сторат премиерот и другите министри. За мене, ќе ја консултирам Државната комисија за спречување на корупцијата, но, еве ви кажувам јас ќе си купам една обврзница од 10.000 денари, макар и да ме казни ДКСК, рече Бесими. 

Воедно министерот укажа дека обврзницата ќе може да се тргува на берзата, со што граѓаните кои имаат купено обврзница, а не можат да го чекаат рокот од две години за поврат на средствата, можат да си ги повратат парите преку продажба на берза.

Бесими очекува од овој инструмент да има прилив од околу 50 милиони евра.

  • Ова го планираме две години, на граѓаните да им овозможиме да купуваат обврзници и да ги вложат своите пари во сигурна инвестиција. Ова е начин да се зачува вредноста, бидејќи поради високата инфлација нивните пари ја губат вредноста, а со обврзницата ќе бидат заштитени, истакна Бесими.

И додека власта попезно најавува задолжување и кај граѓаните, екс министерот за финансии, Џевдет Хајредини, за Алфа рече дека со ваквиот начин преку граѓанска обврзница само се потврдува дека државната каса станува се попразна, а власта по секоја цена бара начин да ја пополнува буџетската дупка, која станува се поголема.

  • Ова се правии за Владата да најде пари за да ги покрие потребите за нивните трошења, односно на овој начин уште повеќе ќе се продлабочи државната дупка во Македонија. Ситуацијата е таква што очигледно дека мораат тоа да го прават, оти потребата од финансии е лоша. Се земаат пари од секаде, се зема од надвор, се зема од банките. Тешка е очигледно ситуацијата и не се прикажува реално состојбата. Многу е лоша реалната состојба, а јавноста нема информации што се случува, изјави Хајредини.

Според Народната банка, во март на годишно ниво каматната стапка на денарските депозити без девизна клаузула била 1,5%. Последната еврообврзница што ја издаде државата беше со купонска каматна стапка од 6,96%. Колку за илустрација, како што посочи и Бесими, Хрватска издаде граѓанска обврзница со камата од 3,5%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста