Стопанството пред крах – веќе се размислува и за шести пакет мерки

Бизнисот алармира, а пратениците до последно тактизираа со четирите закони кои се клучни за да стапи на сила петтиот пакет економски мерки. Додека времето истекува и кризата се продлабочува, стопанството алармира дека состојбата е загрижувачка. Од Сојузот на стопански комори се разочарани од неодговорноста на Собранието. Велат за економијата да мрдне од мртва точка освен петтиот, итно е потребен и шести сет на мерки, зашто компаниите немаат ниту денар залиха за да ги подмират давачките, но и да им исплатат плати на работниците.

  • Освен овој петти сет, итно е потребен и шести пакет мерки, зашто стопанството се соочува со катастрофа. Патениците имаат одговорност пред граѓаните да работат во нивен интерес, а доколку не се способни за истото секогаш можат да ги вратат мандатите. Треба сите да се обединат околу единствениот општествен приоритет, кој значи спасување на човечки животи и обезбедување на економска активност за спасување на работните места како извор на егзистенција на граѓаните. Треба да се заборави на добивање ситни политички поени, вели Арсовска.

Не само мерките, за бизнис заедницата е клучно да стартува и масовна имунизација. Бараат од власта да направи сериозни напори за набавка на вакцини, зашто работниците ќе бидат приморани да се вакцинираат во соседството.

Нервозни се и работодавачите кои не знаат како да им исплатат плати на работниците. Реагираат дека е крајно нечовечки во време на криза економијата да биде заложник на интересите на политичките партии. Текстилната индустрија најавува половина, односно над 50% од работниците ќе останат на улица.

  • Истражувањето на невладината ЗМАИ, покажа дека поради корона кризата лани се изгубиле 6.800 работни места во кожарството и текстилството. Очекуваме пад на продажбата за 50% и дополнително откажување на нарачките од традиционалните партнери. Црното сценарио најмногу ќе го погоди истокот бидејќи дури 40% од текстилните и кожарските фабрики се лоцирани во овој регион, вели Кирил Насков, сопственик на текстилна компанија.

Инаку, пратениците со недели си играа мајтап со нервите на граѓаните и фирмите кои со душа ја чекаат државната помош. Петтиот пакет мерки е тежок 160 милиони евра, а во Собранието влезе пред повеќе од еден месец. Во законодавниот дом заглавени се уште 10 мерки од последниот пакет, а не се поминати ниту низа закони од претходниот сет мерки.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста