Поскапувањето на бензините и струјата ќе предизвика раст на цените на производите и услугите, граѓаните бесни

Поскапувањето на нафтените деривати за 4% буквално ќе ги „дотепа“ граѓаните, се жалат тие. Спиралата на раст на цените, велат, е неминовна, а бранот поскапувања вклучително и струјата ќе повлече покачување на се, од основните прехрамбени продукти, месото, пијалоците, до комуналиите, превозот и еден куп скриени трошоци. Граѓаните се револтирани зашто премногу давачки се зголемиле за краток период. Прво акцизата на горивата, сега струјата, а можеби и парното греење. Велат ова ќе биде страшно и се крстат во подобро време.

  • Ова е неиздржливо веќе, леб немаме да јадеме, лекови немаме да купиме. Не знам што мисли Владата, што мисли премиерот, но мислам дека прават голема грешка. Поскапувањето на нафтените деривати за 4% буквално ќе не „дотепа“, се жалат граѓаните пред камерата на Алфа.

Дел од граѓаните прашуваат дали ова е животот што Заев го најавил? Велат дека немаат зборови со кои можат да го опишат разочараувањето од државата која наместо да помага, уште повеќе ги дотолчува.

  • Ова ли е подобрата живеачка на Заев? Ќе не дозакопа со се што расте. Рекоа дека ќе имаме подобар живот, али ако вака продолжат во Владата, премиерот треба „да добие“ нобелова награда, се жалат граѓаните.

И додека граѓаните крикуваат, премиерот вели дека секоја поплака еколошкaта такса од 3,5 денари била не основана.

  • Секоја поплака на ова поле не држи вода, само покажува решителност на Владата да чекори во правец на зелената агенда, порача денеска премиерот Зоран Заев.

И транспортерите бесни на Владата. Објаснуваат дека пред нив е изборот – или да ги затворат фирмите или да работат да преживеат, бидејќи со зголемените трошоци нема да можат да ги плаќаат обврските преземени при купувањето возила со повисок еколошки стандард.

  • Ние имаме силна конкуренција во меѓународниот превоз и секое посегање по зголемени цени ќе значи губење на деловните партнери и работата. Транспортерите во однос на горивото не можат да штедат бидејќи не полнат гориво 30 литри, па можат да заштедат ако помалку го возат, туку тие полнат најмалку 600 литри кои мора да ги стават, ако сакаат да работат. Со зголемената акциза и овие 4,13 денари како еколошка такса по литар е навистина голема сума. По изјавата на премиерот ни стана јасно дека и овој пат нема да бидеме консултирани, вели Билјана Муратовска од „Макам-транс“.

Ако се направи пресметка, од 1 јули граѓаните ќе плаќаат 14,06 денари поголеми даноци, акцизи и давачки, по литар нафта, пари што не зависат од светската цена на нафтата и цената на доларот на берза. На пример, ако ставате 60 литри гориво, сега за државата плаќате плус 844 денари. Ако два пати во месецот ставате гориво, тоа се околу 330 евра годишно плус, пари што директно одат во државната каса за давачки.

Инаку, поскапувањето на бензините и струјата, според стопанството, доаѓа во најлош момент, во време на пандемија, која предизвика и економска рецесија, што директно удри по и онака истенчениот џеб на граѓаните.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста