Пописот го потврди поразот – Македонските граѓани масовно се иселуваат

Довербата за резултатите од пописот допонително ја разниша и скандалот, кога преку ноќ беа променети официјални бројки, а некои податоци дури беа и избришани. Но, како и да е – едно е сигурно,  пописот покажа дека Македонските граѓани масовно се иселуваат од државата. За експретите резултатите се поразителни.

Се помалку се раѓа, почесто се умира, а голем дел од луѓето купуваат билет во еден правец. Резултатите од пописот го потврдија она на што со децении предупредуваа демографите – македонските граѓани на големо се иселуваат. Сите истражувања покажале дека 70% од младите сакаат да ја напуштат државата. На Пописот во 2002-та, луѓето од 15 до 29 години сочинувале 23,8% од вкупното население, а во 2021 се 5% помалку. Трендот на „стареење на нацијата“ е забележлив и во урбаните и во руралните средини. Во Ново Село има само 13% млади, во Дебарца 13,5%, а слично е и во Центар со 13,2%. За универзитетскиот професор Ѓорѓи Тоновски, овие податоци се загрижувачки. Вели, слично било и во соседството.

  • Ова е поразително, мислам дека од ден во ден се повеќе ни се празни државата, младите си одат, но една од причините е несклучувањето на бракови. Овој процес се одвива толку брзо и динамично, слично е и во соседството и во Европа. Кај нас се уште владее таа „бела чума“, на несклопување на бракови, вели за Алфа универзитетскиот професор Ѓорѓи Тоновски.

Ако се спореди бројот на населението сега, и пред 20 години, ќе видиме дека речиси секаде депопулацијата претставува незапирлив процес.

Само од Гостивар заминале речиси 21.300 лица, или 26% од популацијата, односно по над 1.000 лица годишно. Струга е трет град во земјава кој изгубил најмногу население во изминативе две децении, и тоа 20% од жителите. Од Охрид си заминале 4.320 луѓе. Процентите се најпоразителни за општините Маврово Ростуше и Центар Жупа. Во споредба со 2002 година таму има по 40% помалку население. Во Виница населението се намалило за над 5.000 жители. Берово има 3.000 помалку жители, во Делчево 3.920 луѓе.

Експертите велат дека главна причина за иселувањето е економијата, па затоа бараат целосна децентрализација и рамномерен развој на општините.

  • Регионалниот развој е многу битна компонента за целината на државата. Секоја сериозна држава тоа мора да го обезбеди, но ние потфрламе, и тоа сериозно. Економијата си го прави своето, ни се празнат градовите, се е насочено само во Скопје, другите градови се празнат, и лошо се живее, едноставно паѓаме на клучното прашање што се однесува до доброто живеење во Македонија, додава за Алфа професорот Ѓорѓи Тоновски.

Според резултатите од пописот во Македонија живеат нешто над 1.800.000 жители, што е намалување од 9,2%, или близу 186.000 лица помалку во однос на пописот од 2002 година. Според возраста, најголем процент од населението 7% се од 40-44 години. Просечната возраст е 40,08 години.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста