МОН не дозволи помалку предмети на државната матура, најавија полесни прашања за средношколците
Државна матура ќе има, но ќе се полага по скратен материјал. Иако средношколците бараа да нема, дел од нив сега се пишманија, па наместо укинување на државната матура, бараат скратување на предметите.
За да се најде решение, тие седнаа на маса со министерката за образование. И предложија намалување на бројот на предмети од 4 на два испита, но од МОН го одбија овој предлог. Средношколците бараа и да биде олеснет наставниот материјал што го изучуваа преку онлајн-платрформи откако почна пандемијата, односно од второ полугодие во трета година.
- Наидовме на компромис за само едно барање – дека прашањата од материјалот што е учен во трета година кога почна кризата, и за четврта година, ќе бидат поедноставни во испитите на државната матура за да им биде полесно на средношколците. За првото барање – за намалување на бројот на предмети ќе се земе предвид за новиот концепт на државната матура за наредната година. Но, ќе се трудиме до максимум да биде прифатено и за оваа година. За тоа ќе се консултираме со универзитетите и со Државниот испитен центар за да најдеме компромис дали ќе ги прифатат учениците со испити од два екстерни предмета, како што ги прифаќаат во странство, рече Ходаи.
Во консултации со средношколците од сите градови, одлучивме да бараме одлуки кои во време на пандемијата ќе обезбедат и квалитетно образование и сочувување на менталното здравје на учениците, рече Ходаи.
Од Министерството за образование велат дека простор за договор има, а Државната матура ќе биде задолжителна и има доволно време за да се организира.
- Имаме шест месеци да се подготвиме за државната матура, што е повеќе од доволно за организирање на овој процес. Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка, но токму затоа сме тука, низ заеднички дијалог да понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка. Заедно со учениците, училиштата, со наставниците и, секако, со здравствените власти ќе најдеме начин самото полагање да биде безбедно, велат од МОН.
Од Сојузот на средношколци велат дека протести засега не се опција, бидејќи сакаат институционално да го решат проблемот. Сметаат дека олеснителна околност е што матурантите ќе имаат лесни прашања на државната матура за материјалот кој го изучувале преку далечинско учење. Државната матура во учебната 2020/2021 ќе се полага од 29 мај до 14 јуни.
Борис Грујоски