Македонија се гуши, отровниот воздух во комбинација со пандемијата ги труе граѓаните

Магла, смог, непријатен мирис. Воздухот во Македонија деновиве е ужасно загаден, а мерните станици се длабоко во црвено. Најголем проблем е доцна на вечер и рано на утро, се жалат граѓаните кои периодов велат дека дишат на „шкрги“. Алармираат дека власта ништо не преземала за подобрување на состојбата, иако надлежните смируваат дека се работело на проблемот.

  • Ова е катастрофално. Мислам дека властите мора под итно нешто да преземат нешто ако сакаме барем малку да живееме како што треба. Ако вака продолжат и ако си гледаат само за себе, мислам дека нема далеку да одиме. И пандемија и загадување, мислам дека ќе биде многу лошо, велат граѓаните.

Познавачите на состојбите предупредуваат дека Владата мора ургентно да воведе итни мерки зашто алармот е одамна вклучен. Реагираат дека не смее да се губи време зашто загадениот воздух во комбинација со пандемијата претставува смртоносна комбинација за луѓето.

И ако се суди според досегашните искуства на власта, по се изгледа дека и оваа година не очекува тешка борба со загаденоста, која на голема врата доаѓа во пресрет на зимата. Граѓаните бараат итни мерки за заштита на населението.

Мерните станици отидоа до плафон, иако добар дел од нив и не работат, а ПМ10 честичките беа неколку пати над дозволеното. Најкритично беше во Аеродром, Гази Баба, Центар и Карпош. Мерната станица во Лисиче регистрирала најголемо загадување во периодот од 18 до 3 часот по полноќ.

Освен во Скопје, отровен воздух дишат и жителите на Тетово, Гостивар, Кичево, па и Битола и Штип, речиси секаде сликата е застрашувачка, особено кога температурата опаѓа.

И додека Македонија го достигнува врвот меѓу првите најзагадени градови во светот, градските власти велат дека ќе биде подобро. Кој ги труе скопјани од властите одговор нема, а нема ниту интервентни мерки. А она што најмногу боде очи е што власта наместо повеќе да инвестира, повторно со ребалансот го намали буџетот за загадувањето.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста