Mинималните животни трошоци во јули биле 47.042 денари

За едно просечно семејство да го протурка месец јули биле потребни дури 47 илјади денари. Ова е износот на минималната синдикална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати.

Според пресметките на Синдикатот само за храна биле потребни речиси 18 илјади денари, за трошоци за домување над 12 илјади, за превоз 3.500, за хигиена речиси 3 илјади, а за култура и здравје останувале по 800, односно по илјада денари.

  • „Инфлацијата од 16 проценти ја обезвреднува вредноста на платите и од тука износот од 18.000 денари колку што изнесува минималната плата во Македонија има реална вредност од 15.000 денари, а износот на просечната нето плата од 31.500 денари има реална вредност од 26.500 денари со што значително е осиромашен македонскиот работник и граѓанин“, велат од ССМ.

Претходниот месец синдикалната минимална кошница беше 39 илјади денари, што значи дека за само еден месец таа се зголемила за речиси 8 илјади денари.

  • „На работниците им се потребни итни усогласувања на платите за амортизирање на инфлаторниот удар, а тоа значи Владата да ги усогласи платите за 18.4% до септември согласно Законот, а во спротивно како што ги казнува Владата работниците, така работниците ќе ја казнат Владата, а истото се однесува и на работодавачите“, укажуваат од ССМ.

Дека основните прехрамбени производи стануваат луксуз за многумина,  потврди и Државната статистика. Трошоците за живот на годишно ниво пораснале за дури 16 проценти, а храната за дури 23.6%. Зејтинот е поскап за над 50%, а само лебот поскапел за 36 проценти и тоа без последното зголемување од 10 денари во просек кое се случи минатата недела.

Ваков раст на основните трошоци за само една година не е забележан од раните 90-ти години кога во Македонија имаше галопирачка инфлација. Но, не само високите цени туку и недостатокот на одредени производи потсетува на овој тежок период. Изминативе месеци често се случуваше полиците на маркетите да бидат празни – првенствено без масло и брашно.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста