Kапиталните инвестиции жртви на неспособноста на власта или на пандемијата?

Државата крати на капиталните инвестиции, кои некогаш беа моторот на македонската економија. Иако власта постојано најавува инвестициски бум, само во првите седум месеци од годинава, потрошени биле само 37% од планираните пари за инвестиции за целата година.

Алфа го праша министерот за транспорт зошто државата е неспособна да ги реализира предвидените капитални инвестиции. Тој се правдаше дека морало да има кратење, годинава поради пандемијата, но генерално за овој хроничен проблем, одбегна конкретен одговор.

  • Во однос на капиталните инвестиции, во следниот период ќе градиме нов систем во министерството, за наредниот период тие да бележат поголема динамика, и да имаат замав. Ковид-19 направи проблем во капиталните инвестиции, потоа и предизборието итн, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
  • Каде е кочницата? Јас би сакал да зборувам за иднината. правиме и градиме систем за тие капитални инвестиции повеќе да растат, додаде меѓу другото министерот.

Во меѓу време, стопанствениците апелираат за рационално кратење од државниот буџет. Камионските превозници велат дека бизнисот мора да се движи за економијата да опстане.

Доколку мерките од четвртиот пакет го придвижат стопанството тоа ќе значи и поголема работа и за превозниците во државата и надвор од незините граници. Со тоа ќе се зголеми капацитетот со кој работат, а кој сега се движи меѓу 60 и 70 проценти, велат од Асоцијацијата на транспортни превозници Макам-транс.

  • Генерално земено доколку сите овие мерки го придвижат стопанството  ќе значи и поголема работа и за превозниците во државата и надвор од незините граници. За овој период најбитна е дневната ликвидност затоа што превозниците за да ја вршат својата дејност мора да имаат ефективни парични средства за да одат на пат, за да ги регистрираат возилата, извадат зелени карти и сл. Заживување на целото стопанство, подобрување на наплата на превознина ќе биде предуслов за опстанок на голем број превозници, изјави Билјана Муратовска.

Досегашните три пакети мерки за помош на стопанството не помогнаа доволно, велат од бизнис заедницата. Очекуваат директна поддршка од државата.

  • Економската состојба е многу лоша. Процесот за разлика од претходните три пакети беше поинклузивен и тоа успеавме да го видиме низ она што е преточено во финален пакет на мерки. Најважно условите да не бидат рестриктивни, за да можат сите да се охрабрат да ги искористат овие средства, нашите апели би биле да тие се обидат што е можно повеќе да ги искористат, да си помогнат на себеси, на своите семејства, изјави Данела Арсовска, претседател на ССК.

Она што дополнително ги загрижува стопанствениците е недоволната ажурност во надминување на системските слабости. Предупредуваат дека фактот што Ковид-19 годинава ги јаде парите за капиталните проекти не смее да е оправдување за неажурноста на државната администрација.

Според извештајот на Министерството за финансии, заклучно со август, за железница, гасовод, водоводни и канализациони мрежи, за изградба на училишта, градинки, потрошени се 126 милиони евра.

Иако во буџетот за годинава за капитални проекти беа предвидени 386 милиони евра, со ребалансот тие се скратија на 318 милиони евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста