Ангеловска – Бежоска: Народната банка ги засили контролите кај менувачниците за да се спречат шпекулациите за девизите

Ударот од воената криза во Украина очекувано предизвикува паника кај македонските граѓани кои поучени од лошите искуства во минатотот навалија во менувачниците да купуваат евра и долари. Но дали такво нешто е оправдано во моментов? Надлежжните уверуваат дека место за паника засега нема и советуваат да не се подлегнува на шпекулации и панични најави. Народната банка потенцира дека девизи има доволно, а денарот бил стабилен.

Менувачниците не смеат да ги чуваат девизите и да создаваат паника, вели гувернеката на Народната банка, откако во јавноста се прошири веста дека дел од нив или не продавале девизи, или пак не плаќале согласно девизниот курс. Гувернерката на Народната банка предупредува дека шпекулациите на пазарот се опасно сценарио кое само создава непотребна паника. Иверува дека девизи на пазарот има доволно. Во тек биле и засилени инспекциски контроли од страна на Народната банка по менувачниците.

  • Дејноста на менувачниците е откуп и продажба на девизи. Тие не смеат да ги чуваат, да не вршат менувачко работење и да создаваат паника. Тоа е недозволиво и ние можеме ваквото однесување да го санкционираме, вклучително и со одземање на лиценца за работа. Девизните резерви се стабилни и се 3,5 милијарди евра. Дополнително и банките си имаат свои девизи. Во крајна линија и банките продаваат девизи и граѓаните може да отидат кај нив и да купат колку сакаат, што е јасен показател дека девизи има – вели гувернерката Ангеловска – Бежоска.

Гувернерката уште еднаш повтори дека е стабилно не само девизното салдо,  туку и домашната валута денарот.

  • Постојано кажуваме, еве сега ќе повторам, денарот е стабилен. Со него треба да се гордееме. На 26 април ќе прославиме 3 децении од неговото постоење. Народот, ни во еден момент нека не се грижи за неговата стабилност, децидна е гувернерката.

Со апел да не се шират шпекулации и да не се создава паника на пазарот се огласија и од Македонската банкарска асоцијација.

  • Апелираме до граѓаните да не се изложуваат непотребно на трошење преку менување на своите денарски средства во девизи, што го водат исклучиво шпекулациите и лажните вести присутни во овој период. Банкарскиот систем е ликвиден, соопштија од МБА.

Апелот на народната банка следи откако деновиве на терен беше регистрирана зголемена побарувачка на девизи, но и по реакциите дека во некои менувачници немало доволно странски валути:

  • Може да кажеме дека последните две недели е зголемена побарувачката на еврото, луѓето панично купуваат евра иако апелираме дека навистина нема потреба од такво панично купување, побарувачката е зголемена, вели за Алфа Калина Јовчевска, сопственик на менувачница во Скопје.

Инаку, девизните резерви изнесуваат околу 3.4 милијарди евра, што е двојно повеќе во споредба со 2008 година за време на глобалната финансиска криза, велат од НБРМ. Дополнително, на располагање се и 400 милиони евра за одржување на ликвидноста од Европската централна банка.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста