Замрзнати цени – од 16 март поевтини тестенини и млечни производи

Макароните и шпагетите ќе поевтинат за 15%, a млекото, белото сирење, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот за 10%. Владата донесе две одлуки за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи, како и за укинување на царинските давачки за увоз на шпагети и макарони, кои слабо или воопшто не се произведуваат во земјата. Одлуките ќе важат до 31 мај годинава.

  • „За 10 односно 15 отсто треба да се намалат од цената по која се продавале овие производи на 1 март. Тоа значи ако на 1 март млекото се продавало 76 денари од 16 март цената треба е за 7,6 денари пониска. Ако во меѓувреме после 1 март некој производител ги намалил цените, пак цена по која се врши намалувањето ќе биде онаа по која го продавале производот на 1 март“, рече министерот Бектеши.

Паралелно, се прават и анализи за замрзнување на цените и на шеќерот, јацата и оризот, но дали тоа ќе се случи ќе биде одлучено следната недела.

Министерот за економија повика на солидарност од сите стопанственици за кризата да не била на грбот на граѓаните.

  • „Цените од 1 март се референца на намалувањето кое е минимум и кое треба да се направи. На пример, ако цената на 1 март во малопродажба на одреден производ била 80 денари, на 16 март треба да биде максимум 72 денари, што е намалување за 10 отсто. Верувам дека има такви компании кои се општествено одговорни и имаат простор да ги намалат своите профити и да одат подолу со намалувањата“, рече Бектеши.
  • Согласно сите анализи на Секторот за трговија и коморите, се утврдува дека повеќето компании ја користат максималната маржа и на некој начин се здружени за да не ги намалат своите профити. Затоа одлучивме да одиме со замрзнување на цените. Остануваат уште шеќерот, јацата и оризот за кои наредната недела ќе се направат анализи и чии цени најверојатно ќе се замрзнат ако производителите не ги намалат“, објасни Бектеши.

Инаку, ова е второ замрзнување на цените на производите. Претходно, Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, и во земјава се направи невиден хаос, односно во маркетите немаше леб.

Уште минатиот месец, поради што дел од компаниите од прехрамбената индустрија не ги намалија цените, им беше укината субвенционираната, повластена струја. Тоа предизвика незадоволство кај пекарите, кои неколку дена не дистрибуираа леб во продавниците. Проблемот делумно се надмина откако Владата донесе одлука со која ги обврза пекарниците и трговците – да го произведуваат и продаваат лебот по замрзната цена.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста