„ОН“: Македонците живеат во просек 75 години

Македонските граѓани живеат во просек 75 години, објавија Обединетите Нации, според новиот Индекс на просечен животен век во светски рамки.  Според оваа листа, просечниот животен век на мажите, таа бројка е 74, а жените во просек живеат 78 години.

Истражувањата покажуваат дека долговечноста се заснова на три главни и основни фактора – генетика, пол и начин на живот. Се земаат предвид и хигиената, исхраната, културата пред се, која кај нас за жал изостанува, потоа пороците, пристапот до квалитетна здравствена заштита, па дури и криминалните стапки.

Според ОН, светскиот просек во поглед на животниот век заклучно со 2023 година бил 71 за мажи, 76 години за жени, или вкупно – 73,4 години.

Животниот век значително варира зависно од подрачјето, како и од земја до земја, па оваа година, тие бројки се движат од најниското ниво од 58 години во Западна Африка, до највисокото од 83 години во Западна Европа.

Што се однесува до земјите од соседството, Србите во просек живеат 76 години, Албанците 78 години, Бугарите 73, жителите на Грција – 82, во Боснците 76 години, Хрватите 79, а во Црна Гора е 78 години.

На списокот земји со најдолг животен век, според ОН се Монако, Хонг Конг, Јапонија, Швајцарија, Сингапур, Италија, Ватикан – сите со над 85 години.

Најкус просечен животен век имаат жителите на Чад, Јужен Судан, Сомалија, Намибија, Гвинеја, со околу 50 години животен век.

Македонците, се некаде на средина на оваа листа.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста